За денешните најави за Предлог-закон за амнестија, пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев изјави дека нивниот став е принципиелен и дека треба да има целосна амнестија за настаните од 27 април лани во Собранието.
ВМРО-ДПМНЕ не учествува во работата на ова тело, затоа што, според него, станува збор за политички пазарења поврзани со уставното име Република Македонија.
– Нашиот став е принципиелен, а тоа е дека треба да има амнестија за целиот настан за да нема политички условувања, уцени и перипетии и сето она што го имаме сега зад затворени врати, а очигледно е дека се случуваат непринципиелни работи и дека има се, многу политика, многу пазарења, освен право – рече Ѓорчев одговарајќи на новинарско прашање.
Не одговори дали оваа партија ќе поднесе амандмани на нацрт-амдманите на Уставот, и повтори дека позицијата на ВМРО-ДПМНЕ е дека Македонија треба да го задржи уставното име, дека не треба да има промена на Уставот.
-Со жалење мораме да констатираме дека сите предлози што ние ги имаме се отфрлаат. На референдумот 70 отсто од граѓаните останаа дома – рече Ѓорчев, кој повтори дека власта нема слух да го расчисти полнењето на кутиите. Според него, постапката е прилично компромитирана, не е поддржана од народот, а власта сета оваа работа ја турка на мускули.