Ѓорчев: Со пенкало ја напишав крвната група на дуксерот на Села

5503

Кога по една-две минути туркање и пробивање низ толпата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев влегол во прес-салата и ги видел раскрвавените пратеници, нападите кон нив и решил да застане пред нив и да ги брани. Вака започна сведочењето на пратеникот на судското рочиште за обидот за убиство на Зијадин Села.

И тој бил повреден, но не многу, бидејќи како што кажа имало и такви кои поминале полошо.

– Сватив дека целиот периметар пред нив не можам сам да го покријат иако рацете ми беа раширени и почнав да повикувам луѓе кои ги познавам или било кој што сака да помогне да се обидеме да ги одбраниме заеднички – рече Ѓорчев и набројуваше лица кои ги повикал да застанат со него во заштита. Тука тој го посочи еден од десетте обвинети во случајот, Александар Јаневски Тошта. Ѓорчев рече дека Тошта цело време бил таму додека ги бранеле пратениците.

Пратеникот кажа и дека Тошта бил еден ос тое луѓе кои застанале на вратата од прес-салата за да спречат нови луѓе демонстранти да влезат.
Ѓорчев рече дека на почетокот го видел по лидерот на Алијансата на Албанците во ќошот.

– После тоа не знам што се случуваше со него, но мислам дека тој беше лицето кое го видов на подот пред мене. Направив неколку чекори напред видов дека имаше некој на подот, висок човек, но се вратив назад затоа што требаше да бранам 15-20 луѓе позади мене. Јас бев тој кој координирав на некој начин, викав пополни од лево, пополни од десно – раскажуваше Ѓорчев прашан од одбраната.

Меѓутоа, тој на прашањата на обвинителот одговори дека не му е познато како Села од групата пратеници завршил во рацете на напаѓачите.

Пратеникот во судница движејќи се и објаснувајќи со рацете демонстрираше каде се наоѓал во прес-салата, како со раширени раце ги бранел пратениците, колку чекори направил напред за да види што се случува во турканицата каде лежел Села…

Во неговото долго сведочење, тој кажа дека кога видел дека ходникот е чист, им рекол на пратениците да одат по него и ги одвел во неговата канцеларија.

Според неговото сведочење, тој Ѓорчев цело време во Собрание бил растрчан, одел до бифето да земе пакети со вода за пратениците, им покажувал на полицајци каде се наоѓаат канцеларии во собранието, се обидувал да спречи демонстранти да влезат во ходникот кој води кон канцеларијата на претседателот на Собранието.

– Чувме дека Села е потешко повреден и е во канцеларија на вториот или третиот кат. Тогаш заедно со Никола Тодоров, медицинската екипа, мислам дека имаше уште некој, отидовме таму – рече Ѓорчев за тоа кога повторно го видел Села.

На лидерот на Алијансата на Албанците тогаш му бил облечен сив дуксер, Ѓорчев се обидел да разговара со него, но Села едвај зборувал. Пратеникот сакал да му каже дека ќе биде евакуиран, а го прашал и која крвна група е за да знаат во болница во случај Села да изгуби многу крв.

– Со пенкало му ја напишав крвната група на дуксерот за ако затреба да знаат во болницата – рече Ѓорчев.

Имало две опции за да го евакуираат. Едната била на раце да го однесат и да префрлаат до градска болница, а другата, како што всушност и направиле, била со полициско возило преку гаражата да го однесат во државна болница.

Ѓорчев требаше да сведочи во четвртокот, но бидејќи нема да биде во државата беше повикан денес да сведочи. Судењето ќе продолжи во четврток кога ќе се сослушуваат други сведоци предложени од одбраната.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...