Ѓорчев „ора“ по комитетите, каде е Силјановска?

Веројатно стратезите што ја осмислуваат кампањата на Силјановска ги штедат нејзините сили и не ја советуваат да го следи жестокото темпо што го наметнува Ѓорчев. Ако стане кандидат на опозицијата, ќе ја чека долга, исрцпувачка трка со кандидатот на власта, кој во случајов е фаворит, вели нашиот извор од ВМРО-ДПМНЕ.

2984

Привршува внатрепартиската кампања на двајцата претенденти за иден претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, пред конвенцијата што ќе се одржи в сабота. Професорката Гордана Силјановска и пратеникот Влатко Ѓорчев ги вадат последните „адути“.

Младиот Ѓорчев го прави токму она што од него се очекуваше и што самиот и го најави. Во добро познатиот стил од сите досегашни победнички кампањи на ВМРО-ДПМНЕ, тој до денеска „изора“ педесеттина партиски комитети, во обид да обезбеди поддршка. Исто така, не е за потценување и фактот дека Ѓорчев одлета и во САД, каде што оствари средби со високи официјални личности, демонстрирајќи така еден нов лик на својата партија.

Сепак, како што неофицијално вели партиски извор, големо прашање е дали сети тоа ќе биде доволно Ѓорчев да победи на конвенцијата.

– Професорката Силјановска во своите постови на Фејсбук интензивно ги критикува роднинските врски и партиски вработувања, но иронично, може да се случи таа да стане претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ токму поради роднинската врска со лидерот Христијан Мицковски, без оглед што тој јавно се изјаснува како неутрален во трката – вели нашиот извор.

Но, каде е Гордана Силјановска и што прави таа? На нејзиниот ФБ профил последна објава е настан во Општинскиот комитет во Ѓорче Петров. Снимката е вчерашна. Нашиот извор вели дека и утре, како и денес, Силјановска веројатно нема да се појавува по комитетите, туку ќе се подготвува за конвенцијата, што и да значи тоа.

– Мислам дека Силјановска се определила за тактика согласно со своите објективни можности. Дознавам дека добила покана од Обединетата македонска дијаспора да појде во Америка, но наводно одбила поради долгото и напорно патување. Веројатно стратезите што ја осмислуваат нејзината кампања ги штедат нејзините сили и не ја советуваат да го следи жестокото темпо што го наметнува Ѓорчев. Ако стане кандидат на опозицијата, ќе ја чека долга, исрцпувачка трка со кандидатот на власта, кој во случајов е фаворит – вели нашиот извор.

Судејќи според објавите на Силјановска на Фејсбук, неа ја погодуваат прашањата кои се однесуваат на нејзината физичка подготвеност за кампањата. „Од моментот кога ја најавив мојата кандидатура за претседателски кандидат, изложена сум на најнепримерени ad hominem напади, клевети и инсинуации. Доаѓаат од различни страни, и веројатно се наменети да ми ја скршат волјата и да ме натераат да се повлечам од валканиот политички ринг“, пишува таа и најавува дека нема да води дебата на тоа ниво.

Плусинфо смета дека некои од прашањата поврзани со нејзината тактика за кампањата, па и за физичката подготвеност, се легитимни и стандардно се поставуваат секаде во светот, па нема причини Македонија да биде исклучок. Нашиот портал не ги пренесуваше атаците врз Силјановска кои се однесуваат на нејзиното минато во политиката, за аферата за фри-шоповите и слично, но неизбежно се потсетивме на изборната битка меѓу Доналд Трамп и Хилари Клинтон, кога мадам Клинтон среде кампањата кризираше од голем напор.

Сепак, почитувајќи ја определбата на професорката Силјановска да не одговара на вакви прашања, кои исто така веројатно ги смета за лични напади, Плусинфо се откажа од намерата од неа директно да побара одговори. Професорката е активна на Фејсбук, па ако чувствува потреба, самата ќе се огласи.

Конвенцијата е за два дена и тогаш ќе видиме кој ќе биде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за оваа тешка претседателска трка, прва по промената на кормилото на партијата, после оставката на Никола Груевски, кој во меѓувреме и избега од земјата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...