Влатко Ѓорчев, пратеник од ВМРО – ДПМНЕ, кој се кандидира за претсeдател на државата денеска испрати писмо до потпретседателот на САД Мајк Пенс.
Писмото од Ѓорчев до Пенс го пренесуваме во целост:
„Почитуван потпретседателе Пенс,
Би сакал да Ве поздравам, подвлекувајќи ги пријателството меѓу Македонија и САД. Би сакал да искажам поддршка на Вашите ставови и политиката на САД предводена од претседателот Доналд Трамп во однос на кризата во Венецуела.
Насилниот и антидемократски режим на Мадуро веќе нема легитимитет. Време е за мирна и демократска транзиција.
Време е демократските влади од целиот свет да ги признаат новите власти во Венецуела.
Потпретседателе Пенс,
Вашата Републиканска партија од САД и мојата партија ВМРО-ДПМНЕ од Македонија се заедно членки во Меѓународната демократска унија (ИДУ), како најголема глобална асоцијација на десниот центар предводена од Стивен Харпер, поранешниот премиер на Канада.
Тоа е нашата заедничка политичка организација основана од Роналд Реган, Џорџ Буш постариот, Маргарет Тачер, Хелмут Кол и Жак Ширак.
Секогаш на страната на слободата и демократијата, ИДУ и ИРИ оваа недела јасно порачаа дека време е Мадуро да замине.
Европската народна партија (ЕПП) јасно ја осудува тиранијата врз народот од режимот на Мадуро, како и Манфред Вебер, нашиот кандидат за претседател на Европската комисија од редовите на ЕПП.
Владите на Германија, Франција, Велика Британија и Шпанија јасно порачаа дека наскоро би можеле да го признаат привремениот претседател Гваидо.
Лично сметам дека Претседателот, Владата и МНР на Македонија треба заеднички да заземат став за признавање на привремениот претседател на Венецуела.
Почитуван потпретседателе Пенс,
Ви посакувам успешна работа. Вашето искуство и минато како конгресмен, гувернер на Индијана и сега како потпретседател на САД се забележани низ целиот свет.
Вашата посветеност на НАТО, заедно со сојузништвото на Европа и САД се гаранти на нашата идна соработка.
Македонија и САД се стратешки сојузници со Договорот потпишан во 2008 година. Тоа е одлична основа да го развиваме пријателството меѓу двете земји“, пишува пратеникот Влатко Ѓорчев до американскиот потпретседател.