Промените во одреден сегмент во Уставот не значат дека се менува и нашиот идентитет. Идентитетот не може да се смени со некоја реченица, пасус, па дури нека е тоа и во Уставот. И со промена на Уставот во однос на одлуките од АСНОМ повторно темелите на оваа држава остануваат на АСНОМ-скиот проглас од 1944 година, вели директорот на Иниститутот за национална историја Драги Ѓоргиев во интервју за МИА.
– Во суштина, сметам дека ако се промени одреден сегмент во Уставот тоа не значи дека се менува и нашиот идентитет. Идентитетот не може да се смени со некоја реченица, пасус, па дури нека е тоа и во Уставот. Контрапродуктивно е да се зборува за промена на идентитетот на македонскиот народ. Тоа само ја покажува нашата несигурност и инфериорност. Ако некој постојано зборува и се плаши за својот идентитет тогаш покажува дека тој е несигурен во тој поглед. И со промена на Уставот во однос на одлуките од АСНОМ повторно останува прогласот на АСНОМ. Значи, повторно темелите на оваа држава остануваат на АСНОМ-скиот проглас од 1944 година – вели Ѓоргиев запрашан за коментарот на историската наука во однос на амандманот кој се однесува на промени во преамбулата и забелешките од опозицијата дека со тоа се менува нашата историја и се прави дисконтинуитет.
Тој не смета дека менувањето на Уставот ќе доведе до создавање на нова држава или нов идентитет на територијата на Македонија.
– Идентитетот на овој народ останува во негови раце. Колку побрзо овој народ се ослободи од своите стравови дека некој ќе му го одземе или се обидува да му го земе идентитетот преку разни интевревенции во Уставот, толку побрзо и посамоуверено ќе продолжи понатаму. Многу е важно Македонците да се соочат со некои свои стравови, нејаснотии и фрустрации од минатото за да можат понатаму да продолжат и да немаат чувство на инфериорност и страв дека во иднина некој ќе им го украде идентитетот. Сметам дека промените ќе доведат до тоа оваа држава да го зајакне своето место меѓу европските народи, бидејќи влегувањето во НАТО, и понатаму во ЕУ, ќе значи и зајакнување на местото на овој народ, на оваа култура и на македонскиот јазик ќе бидат во европскиот културен свет. Јас не знам дека некој народ или заедница, кои се дел од Европската унија, го изгубиле својот јазик, својата култура, историја, идентитет. Напротив сите помали народи и заедници ги зајакнуваат овие аспекти од нивното постоење – вели, меѓу другото, директорот на Иниститутот за национална историја Драги Ѓоргиев во интервјуто за МИА.