Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ го поддржува строгиот антидопинг систем во тенисот и нагласи дека не му пречи да биде тестиран.
– Антидопинг правилата можеби се строги бидејќи секој ден во годината мора да ја наведете локацијата каде престојувате, па дури и да се работи и за час или два дневно. Од друга страна, тоа овозможува да бидеме тестирани и знаеме дека важи и за останатите играчи. Мислам дека е тоа чесно барем од моја перспектива. Немам ништо против тоа да ме тестираат повеќепати годишно доколку тоа се прави и со другите играчи – истакна Ѓоковиќ.
Според антидопинг правилата спортистите се обврзани да пријавуваат каде се наоѓаат кога го напуштаат домот, а мораат да прифатат тестирање доколку контролорите ненајавено им се појават.
– Верувам дека тенисерите се меѓу најчистите спортисти во светот и немам ништо против тестирањето се додека успеваат да ја одржат оваа состојба. Немам против кога бараат примерок од крв, но претпочитам тестирање преку урина бидејќи не сакам игли – истакна српскиот тенисер.
Според српскиот тенисер антидопинг правилата го штитат спортот, но и играчите.