Ѓаволот си отиде, ситните риби ни останаа?!

1266

На ѓаволот никогаш да не му веруваш. И кога најголема добрина му правиш, со зло ќе ти врати. Така било од памтивека во оваа наша Македонија. Така било и така останало. Татко со син, брат со брат очи си вадат. Не за свои туку за туѓи интереси. Ѓаволска работа.

Три децении едни со други добар збор не си рекоа. Кодоши, предавници, патриоти! Од сите сорти. Кога „шарените“ поверуваа дека го победија „злото“ и кога веруваа дека „ќе дојде животот за сите“, се излагаа. Старите со омраза си заминаа, а новите не само што станаа „нарцизоидни“ туку, наместо нешто ново да донесат, го зедоа „теркот“ на поразените. Им поверуваа. А сите им велеа да не му веруваат на ѓаволот. А тие дојдоа. Си фатија убави места, а на челните места ги оставија оние од претходните. Се излагаа. На „чесен“ збор поверуваа, а тие со злоба им вратија. Добрината, што народецов ја чекаше, не дојде! Злото остана и продолжи да разградува. Народот не бадијала рекол: „Раскарани браќа куќа не градат ако ѓаволот влезе меѓу нив“.

СДСМ заборави дека ВМРОВЦИТЕ нема туку така лесно да им ја остават власта. Во „касапско“ куче немај верба. А тие веруваа во чесност, а не знаеја дека другите се камелеони. Или „волкот влакното го менува, ама навиките никогаш“. Заборави Заев со кого има работа. Заборави и тогаш кога „апла“ ги фати со украдени милиони народни пари и наместо веднаш да им побара „рачун“ ги пушти како „пауни“ да шетаат и да роварат низ Македонија. Организираа демонстрации. Плукаа на Влада, премиер, министри и на сите, па и на обвинителите и на судиите и покрај тоа што сите им велеа дека се криви. Ајде, „добри“ да бидат и притвор не им дадоа. Не ВМРО не сопре. Немири, демонстрации. На цел глас викаа. Не се признава Преспанскиот договор. Името и Уставот да не се менуваат. Не сакаме Северна Македонија. Македонија не сакаме да влезе во НАТО и ЕУ!

А Заев, Димитров, Шеќеринска додека „трчаа“ во Брисел, за да отворат пат на Македонија, двајца високи разузнавачи побегнаа во Грција. Не ни ги вратија. Повторно иста песна. Вмровците победија. Демонстрации зошто да му се суди на „вождот“. Тој е невин! Тој е најдобриот премиер! Тој го „нареди“ Скопје со споменици од антика до денес. Како „кукла“ го направи. И галии „пушти“ во Вардар и жални врби засади. Алал да му е. Побараа да се ослободат сите оние кои насилно влегоа во Парламентот да ја уриваат државата и ако треба да убиваат. Затоа „неговите“, кои останаа на челни позиции, не прифаќаа тој да оди во притвор во Шутка. Правеа сѐ! Нема да бегал, велеа. И наеднаш Никола Груевски, си замина кај „брат му“ Орбан во Унгарија. Не побегна само од нашата туку помина низ четири држави. Без никој да го слушне или види. Си замина. А каде беа Заев, полицијата и сите останати служби кои наводно „се грижат“ и ја чуваат Македонија?! На спиење им побегна „ајдукот“ со полни торби украдени народни евра. Каков апсурд. Судот не можел да го најде за да му го врачи решението за одење да ја одлежи казната од две години во Шутка. Браво!

А бегството на Груевски и „пилците“ го очекуваа само не оние кои беа задолжени да го чуваат. Човекот, со украдените пари, до „танчина“, сѐ испланира и побегна. Пасошот му бил земен? Голема работа. Зар на арамија му е потребен пасош? И врапчето и гугутката ни побегнаа. Кога Груевски замина тогаш притвор им беше одреден на неговите некогашни „ортаци“ во крадењето Јанакиески, Божиновски и на крај и на „братучедот“ Мијалков.

Ѓавојот си отиде. Ситните риби останаа. Да, така е. Ѓаволот ни ора ни копа. Тој си работи. Затоа и кога добрина му дарувате никогаш немојте да му верувате. Дали ѓаволот еден ден ќе каже како и со чија помош побегна „диктаторот“ Никола Груевски?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...