Щербак, GO HOME!

Толку ли е моќен рускиот амбасадор во земјава? Толку ли е инфилтрирана неговата мрежа во институциите и медиумите во Македонија? Неприфатливо е како никој не се обиде (или не се осмели, можеби?) ни да постави прашање како дошло до тоа, на идните експерти за безбедност, Шчербак да им држи говор со отворена анти-западна содржина и да се заканува со чизма.

1177

Од кој знае какви побуди, некому му текнало да го повика рускиот амбасадор Олег Шчербак на Факултетот за безбедност. Тема: „Системите на колективна безбедност: историски и актуелни погледи од призма на Руската Федерација”, како што стои на веб страницата на факултетот недела дена по настанот. Во најавата стои дека се одржала средба, а во насловот дека тоа е предавање. Што ли ќе беше? Но, тоа не е важно сега.

Говорот или „предавањето“ на Шчербак, чии делови пренесе и државната информативна агенција МИА, не беше никакво изненадување, но јасно покажува дека рускава дипломатија ги скинала сајлите на сите кочници. Шчербак е на чело на дипломатска мисија чиј член беше протеран од Македонија поради шпионажа, дипломат кој, како и неговиот шеф, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, грубо се заканува веќе подолго време.

И со настапот на Факултетот за безбедност, не во Русија, туку во Македонија (!), Шчербак ја јасно покажува дека Русите немаат намера да се откажат од мешање во внатрешно-безбедносните работи на земјава. Тој дрско се расфрла со „лекции“ како треба да се одлучува по прашањата за интеграциите на Македонија.

Ставот на рускиов дипломат е дека НАТО е воено-политички блок кој САД го создава со цел да се конфронтира со Варшавскиот пакт, кој не постои веќе 30 години, па вели: „Добро знаете дека кога солидарноста се става над здравиот разум, тоа е погубно за националните интереси“. Што сака да каже со оваа и онака несмасна мисла? Ако не сме со Русија, тешко нам, тоа е погубно?

Па продолжува со заканите: „Последиците од тоа ѝ се познати на Украина која беше ставена под таков ултиматум, што предизвика раздор и граѓанска војна. За жал, нашите западни партнери ништо не научија од ова… Руската Федерација не може да не биде загрижена за воената доктрина на НАТО во која Русија е прогласена за непријателска. Тоа е многу опасна игра и не би сакале во оваа авантура да ја вовлечат и Македонија. Македонскиот народ да се користи како топовско месо и нејзината територија како НАТО база…“

Со ова, речиси отворено се заканува со воена сила, онака како што руската окупаторска чизма гази по украинско тло, затоа што Украинците решија да му стават крај на про-руското вазалство.

Среде Македонија, ни помалку ни повеќе, туку на Факултетот за безбедност(!), во период кога Македонија со чекори од седум милји ја јакне својата меѓународна положба и „се врати на вистинскиот пат“ (Федерика Могерини), Шчербак отворено ѝ се закани на Македонија, на нејзината сувереност и безбедност.

Како што Факултетот за безбедност од кој знае (а знаеме) какви основания, му даде институционален простор и време на баќушкава, така и македонските медиуми уредно (читај: послушно) беспоговорно ги пренесоа неговите закани.

Толку ли е моќен рускиот амбасадор во земјава? Толку ли е инфилтрирана неговата мрежа во институциите и медиумите во Македонија? Неприфатливо е како никој не се обиде (или не се осмели, можеби?) ни да постави прашање како дошло до тоа, на идните експерти за безбедност, Шчербак да им држи говор со отворена анти-западна содржина и да се заканува со чизма.

Дали амбасадор на било која земја може да седне на рускиот факултет за безбедност во Москва и да мавта со црна пропаганда и да се заканува?

Уште едно тревожно прашање во рускава сказка… Кога го протераа неименуваниот руски дипломат од Македонија, Лавров изјави дека „кога еден или двајца дипломати се протерани од оваа или онаа земја, додека шепотејќи ни се извинуваат, ние сме сигурни дека ова е резултат на огромен притисок и уцена, кои за жал се главната алатка на Вашингтон на меѓународната сцена“.

Кој тоа шепотејќи му се извинувал на Лавров?! Одговор на ова прашање мора да има. Бидејќи, ако не добиеме одговор и на ова прашање, изгледа како да имаме двојна или повеќекратна дипломатија во земјава.

На заканите и пропагандата, има само еден одговор: Щербак, GO HOME! Иди домой! (ако не разбира англиски)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...