Штрахе, и по аферата, повторно на одмор на Ибица

135

Патниците од авионот за Ибица во Виена беа изненадени кога неодамна го видоа Хајнц-Кристијан Штрахе, поранешен австриски вицеканцелар, кој со својата сопруга и децата одлучи одморот да го помине на тој остров.

Како што пренесуваат австриските медиуми, тоа немаше да биде изненадувачки доколку токму аферата „Ибица“ не му ја уништеше политичката кариера.

Пред две години Штрахе, за време на одморот на Ибица, имаше средба со наводно роднина на руски милијардер, на која и нудел државни работи за финансиска поддршка на неговата Либерална партија (ФПО), со заобиколување на финансиските контролни власти.

Целиот разговор, во траење од седум часа, бил снимен со видео камери, а снимките беа пуштени во јавност пред изборите за Европскиот парламент во мај оваа година.

Поради своите изјави, иако сето тоа се случило пред две години, тој веднаш поднесе оставка од функцијата вицеканцелар, но и од лидер на партијата.

Австриските медиуми коментираат дека по таков настан, „само споменувањето на зборот Ибица некому ќе му предизвика негативни чувства, но не и на Штрахе“.

Тој одбиваше да одговори на новинарски прашања во врска со неговиот одмор, но на шега често велеше дека за семеен одмор секогаш ја препорачува Ибица, каде што престојува последните 17 години.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...