Во Избирачкиот список за референдумот се запишани 1.806.336 граѓани на Македонија.
Но, на ниту еден референдум досега,или ниту на едни парламентарни или претседателски избори, колку и да биле драматични, не излегувале повеќе од 1.200.000 граѓани, или околу 66 отсто од запишаните во Избирачкиот список. Оние околу 600.000, кои се појавуваат на списокот од 1991 до денес, или се иселени од Македонија или се на привремена работа некаде со работна некаде без работна дозвола или од разни причини воопшто не ги интересира политиката. Оттаму, тие што никогаш досега не се појавувале на избори или на гласање, по кој било повод од важност за судбината на земјата, никој не може да ги смета за свои поддржувачи или за бојкотирачи на референдумот.
Затоа е важно колкав број од стандардните еден милион и двесте илјади гласачи ќе излезат на гласање и како ќе гласаат или колку од нив ќе останат дома, од разни причини и нема да го дадат гласот ниту „за“ ниту „против“.
ВМРО-ДПМНЕ знае дека на изборите во 2006 година, кога победи и кога Груевски формира влада, од тогаш запишаните 1.779.527 гласачи во Избирачкиот список, излегоа на гласање само 967.676 гласачи, при учество во кампањата на сите партии, или излегоа само 54 отсто од запишаните во Избирачкиот список. ВМРО-ДПМНЕ со освоените 300.000 гласа на тие избори формираше влада и ја обликуваше судбината на Македонија во наредните 11 години.
На последните претседателски избори во 2014 година, на кои Иванов доби втор мандат за претседател, кои беа темпирани со парламентарните избори, од запишаните 1.779. 572 гласачи излегле 967.676 или 54 отсто од избирачите, а Иванов е избран за претседател со 534.910 гласа или со 30 отсто од запишаните во Избирачкиот список.
На последните парламентарни избори во декември 2016 година, на кои сите партии направија максимални напори да ги изнесат на гласање своите избирачи, од запишаните 1.784.416 избирачи излегле на гласање 1.191.854 гласачи или 66 отсто.
На тие избори коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, која оттогаш досега е прилично распадната, освои 454.577 гласа. Тој број поддржувачи на политиките на ВМРО-ДПМНЕ значително опадна на локалните избори кои беа одржани во април 2017 година,. а по смената на лидерството и политичкиот раскол во таа партија, по распаѓањето на коалицијата, никој со сигурност не може да каже колку опаднала поддршката за нејзините ставови и политики.
Оттука, бегањето во бојкот на референдумот е бегањето на Мицкоски од реално мерење на својата поддршка во гласачкото тело.
Тој не сака со кампања да ја измери бројноста на своите реални поддржувачи и да ги повика да гласаат против договорот, и тоа го прават сите помали партии како Левица и некои мали новоосновани. Нивната цел е да го скријат поразот на својата политика на овој референдум зад бројката на оние 600 илјади граѓани што се запишани во Избирачкиот список, но никогаш не се појавиле во реалноста, и да тврдат дека постои некакво „огромно мнозинство“ од граѓаните на Македонија кое не го поддржува договорот.
Коалицијата на СДСМ, ДУИ и сите други партии не само на Албанците и на Македонците, како и сите други етнички заедници во Македонија кои сега ја формираат коалицијата „За европска Македонија, треба да докажат дека од оние еден милион и двесте илјади избирачи кои се реални гласачи во Македонија, најмалку 650 до 700 илјади гласачи ќе излезат на референдумот и ќе гласаат „за“. Тоа е мнозинство поголемо од мнозинството со кое е избран Иванов, од мнозинството на која било партија што досега формирала влада и доволно мнозинство за доказ каква е мнозинската волја на народот за тоа во која насока сака да се движи Македонија.
(ФБ статус на авторот)