На прашањето околу реакциите во јавноста и негодувањата доцни ли стационарот Вардариште, што ќе биде со кучињата бездомници додека да залае „Лајка“, од Градот Скопје добивме одговор дека почнала реконструкцијата на Вардариште.
– Изминатиов период стационарот „Вардариште“ прејде од надлежност на новото јавно претпријатие „Лајка“ кое под своја надлежност во целост ќе ги преземе активностите за заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани. Во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе биде вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните. Во однос на стационарот „Вардариште“, изминатиов период започна неговата целосна реконструкција на двата објекти, со демонтажа на веќе постојните метални боксови и елементи. Истите ќе бидат комплетно заменети со нови по современи стандарди во служба на основните потреби и благосостојба на бездомните животни кои ќе бидат дел од новата програма – рекоа од Градот.
Оттаму наведуваат дека со неговата реконструкција и проширување, покрај подобрувањето на условите, ќе се зголеми капацитетот од 110 на 230 места за кучиња.
– Покрај подобрување на условите во стационарот, Град Скопје работи на целосно нов систем за работа со кучињата скитници, а воедно да се спречи механичкото зголемување на нивниот број преку спречување на т.н. „неодговорно сопствеништво“. Имено, Агенцијата за храна и ветерина во голема акција, заклучно 31.03.2019 година, исчипира бесплатно 32.000 животни и тоа ќе помогне во изработката на Регистарот на миленици – рекоа од Град Скопје.