Што ја одбележа 2018 година

Што нѐ очекува во новата 2019 година? Најверојатно ќе се занимаваме со  имплементација на Договорот со Грција после меговата ратификацоја во Грчкиот парламент. Што друго? Реформите! Реформите мора да почнат... Време е... Нека наредната 2019 година година биде година на реформи...

367

Кога ја испраќаме 2018 година помислуваме на тоа што ја одбележа годината. Годината 2018 беше година на Преспанскиот договор за името со Грција и сите настани поврзани со неговата примена и бегството на Никола Груевски, како и мрчењето на опозицијата партијата ДПМНЕ која секогаш животот ни го прави интересен.

Прво ќе почнеме со Договорот со Грција. Со потпишување на Договорот во почетокот на месец  јуни, по претходно четири месечно преговарање,  уследи референдумот за изјаснување дали сме за влез на Македонија во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот за името со Грција. На 30 септември се одржа референдумот кој опозицијата партијата ДПМНЕ го бојкотираше поради што не се обезбеди излезност, а од излезените 609.000 гласаа за прифаќање на Договорот. За опозицијата, поради необезбедената излезност од 50 проценти од гласачите од избирачкиот список (над 900 илјади гласачи), референдумот го прогласија за неуспешен, а Владата го прогласи за успешен поради тоа што 92 проценти од излезените гласачи гласаа ЗА Договорот.

Во секој случај Владата одлучи, што беше претходно најавено, да оди на Собрание за почнување на процесот на уставни промени според барањата на Договорот со Грција за што беше потребно двотретинско мнозинство што Заев го немаше. Целата македонска јавност беше во неизвесност што ќе се случи и како Заев ќе го обебеди тоа двотретинско мнозинство, посебно што сите знаевме дека опозицијата партијата ДПМНЕ и лично лидерот Мицкоски не сакаа да слушнат да гласат за уставните промени. Заев како вечен оптимист најавуваше дека ќе обезбеди двотретинско мнзинство но никој не знаеше како тоа ќе го направи.

Клучот на обезбедување на двотретинско мнозинство беше помирувањето за случувањата од 27 април 2017 година што Заев го најави за кое ќе плати политичка цена. На 19 октомври кога се гласаше за отпочнување на процесот на уставните промени во Собранието се обезбеди двотретинско мнозинсто со гласовите на  8 пратеници од опозицијата партијата ДПМНЕ, меѓу кои беа три пратеници обвинети за случувањата од 27 април и уште 5 пратеници кои имаа некои други маки,  обвинети за други криминали или нивни блиски. Заев беше во право кога јавно го постави прашањето – „никој не ме прашува како јас стигнав од 49 на 80 пратеници?„ Овие 8 пратеници формираа независна пратеничка група и делуваа самостално, а воедно беа вклучени во припрема на Закон за амнестија што покасно беше усвоен во Собранието.

Со контроверзниот  Закон за амнестија беа ослободени од обвинение сите учесници во случувањата од 27 април кои не извршиле физичко насилство и кои не биле организатори на  државниот удар од 27 април, меѓу кои се најдоа петте пратеници кои беа обвинети за отврање на вратите на Собранието. Останатите пратеници од „независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ„  кои не беа опфатени со Законот бараа и тие или нивни блиски да се офајдат, поради што само неколку дена пред Нова година Собранието изврши измени во Кривичниот законик намалувајќи ги казните за кривичното дело злоупотреба на службената должност (за обвинетата Камчевска Милевска и синот на пратеничката Авировиќ). Така остана сите задоволни и „независните пратеници„ и премиерот, секој од нив го доби тоа што му требаше – слобода на обвинетите за глас во Собранието, по принципот „дам – даш„!

Законот за амнестија, или  помирувањето на Заев, ја подели македонската јавност на оние што не се согласуваа со него оправдувајќи го своето мислење со фактот дека Законот нема правна основа и тој претставува политичка одлука и не е задоволена правдата која народот толку многу ја посакува. Другата половина од народот го оправдуваше Законот со образложение дека целта да се обезбеди двотертинско мнозинство за изгласување на уставните промени во Собранието ги опоравдува средствата, тоа е едно прагматично решение кога друго не може да се најде. Мое мислење е во прилог на девизата на Микајевели дека целта ги оправдува средствата, повикувајќи се на фактот – кога ние 27 години не сме биле правна држава зошто да не бидеме и сега пред влезот во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ, многу било малку останало.

Второто одбележие на годината е бегството на Никола Груевски. Откако Груевски беше осуден со правосилна судска пресуда на две години затвор и Судот се обидуваше да  му ја достави  поканата за затвор на 9 ноември во петокот, тој изненадно на 11 ноември на фејсбук се јави од Будимпешта дека таму се наоѓа и чека азил од Унгарските власти. Ладен туш за власта, МВР, Судот, СЈО и целата македонска јавност! Сите беа шокирани и се прашуваа како е можно еден човек да и’ избега на правдата при шест телохранители обезбедени од полиција, при толкубројна  полиција која и границите ги чува, институции како што се Судот и Обвинителството кои биле должни да ги преземат потребните мерки за да се спречи неговото бегство. Сите надлежни институции затаија, МВР да го окривува Судот што не му изрекол притвор, па Судот се жалеше на СЈО дека не издало барање за притвор, а јавноста со право прстот го впери во МВР со прашање како е можно полицијата (20 илјади полицијаци) да дозволи непречено бегство на експремиерот Груевски.

Министерот на МВР Оливер Спасовски ѝ обеќа на македонската јавност дека ќе го истражат случајот и ќе ѝ соопштат што се случило и ќе побарале одговорност од тие кои го дозволиле бегството,  како го напуштил Скопје, како ја поминал македонско – албанската граница за да се најде во Унгарската амбасада во Тирана. Од Тирана до Будимпешта, преку Црна Гора и Србија, знаеме дека му помогнале дипломати од Унгарските амбасади во Тирана, Подгорица  и Белград и така без проблеми стигнал во Будимпешта! Ова го дознавме од надлежните служби на  Алабнија, Црна Гора и Србија, а нашите служби ништо за тоа не знаеја. До сега, до Нова година,  нашето МВР не излезе со соопштение за бегството на Груевски, ниту пак Министерот на МВР  Спасовски си даде оставка, барем од морални принципи доколку нема негова одговорност за бегството во што се сомнева македоснката јавност.

Кога сме кај оставката на Министерот Спасовски, сакам да ја  споредам неговата одговорност за бегството со донесениот  Закон за амнестија со кој кој беше погазена правдата во Македонија. Имено, Законот за амнестија е донесен како политичка одлука за да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието свесни за фактот дека тоа не е во ред, но се тргнува од целта што сака да се оствари. Кај одговорност на Министерот Спасовски нема повисока политичка цел за да остане на функцијата, тој требаше досега, а може и покасно,  да си даде неотповиклива оставка на функцијата поради бегството на Груевски, дури и ако нема негова лична одговорност. Од морални причини! Ако не можеме да бидеме правна држава со донесување на Законот  за амнестија поради некои високи цели, можеме да бидеме правна држава и бараме одговорност и повлекување на Спасовски од функцијата Министер на МВР! Така ќе покажеме пред ЕУ и пред самите нас дека можеме да бидеме правна држава „ако околностите тоа го дозволуваат!„

Трета работа е мрчење на опозицијата, партијата ДПМНЕ и нејзиниот лидер Мицкоски. Партијата ДПМНЕ сега во опозиција, посебно лидерот Мицкоски стално нешто мрчат и никоигаш, ама баш со ништо не се согалсуваат со Владата на Зоран Заев. Тие стално ја критикуваат, и само критикуваат, за сѐ и сешто! Нивните критики наликуваат на отровни клевети, те дека Владата била неспособна, те дека немало просечна плата од 500 евра, те дека ништо не се градело нема капитални инвестиции, те дека Владата била криминална, дака Владата на Заев била хунта која вршела политички терор на неистомислениците (члитај криминалците од ДПМНЕ) и тн. и тн.

Во последно време критиката ја направија колоритна, во бои, па така сѐ во Македонија било црно, па така црна е економијата, црна е Владата, па дури и корупцијата била црна. Македонија  е едно големо црнило! Мицко ќе каже дека во 2018 година памети само црно и мачно време но во наредната очекува промени. „Потребно е нова визија во која промената треба да биде основниот двигател. Не оди веќе вака…„ На ТВ Сител на 27 декември Мицкоски ќе рече: „Никола Груевски е минато во ВМРО-ДПМНЕ, иднината на партијата сум јас и се’ што правам  е заедно со структурите на партијата… Мојата политичка амбиција како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но и обврска кон членство и структурите на партијата кои ме поддржуваа и кон граѓаните на Република Македонија е да победам на следните парламентарните избори така што во овој момент нема да поднесам кандидатура за претседателсkи кандидат кој би бил поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За подобра Македонија.„

Па тој  Мицко сака да биде премиер на Влада! Само продолжи да мрчиш и критикуваш, поточно критизираш, без да нудиш никаква опција, сигурно ќе станеш премиер! Кога и да е, тоа ќе се случи некогаш во некое далечно идно време. Со мрчење не се добиваат избори, тие се добиваат со програмска визија, нудење на опции за решавање на  проблемите во државата, подршка од Меѓународната заедница,  поддршка од албанските партии што  Ти ја одалечи со Тиранската платформа и многу, многу други работи што Ти ги немаш г-дине Мицкоски! Продолжи да мрчиш и понатаму, во новата 2019 година…

На крајот ќе го споменам говорот на претседателот Горѓе Иванов во Собранието, што исто може да се земе како обележје во оваа 2018 година. Сите очекувавме дека при крајот на мандатот, што истекува во март наредна година, претседателот во својот говор ќе даде отчет за периодот на неговото претседателствување, што направил за унапредување на меѓународните односи, што друго направил за земјата и народот. Неговиот говор беше реална слика на неговото (не)работење за време на двата мандата. Всушност во неговиот говор провејуваше оправдувањата од негова страна за сите злодела што ѝ ги направи на Македонија и народот, почнувајќи од дадената аболиција за 57 обвинети од СЈО за сторен криминал, недавање мандатот на Зоран Заев да формира влада откако обезбеди парламентарно мнозинство, случувањата на 27 април 2017 година, посебно голем дел од излагањето се однесуваше на критика на Договорот со Грција, како и други негови злодела и гафови. За неговата аболиција за криминалот од раководството на ДПМНЕ ќе рече дека со аболицијата сакал да постигне помирување (!) а Законот за амнестија да ти бил уцена на пратеници од Владата за гласање на уставните промени…

Да привршиме со текстот на мојата колумна. Секако дека има и многу други обележја што се случиле во 2018 година, но јас се задржав на најбитните спрема мене. Во ова 2018 година главно и незаборавно обележје беше Договорот со Грција со кој Владата и лично премиерот Зоран Заев се занимаваше и работеше скоро целата година, почнувајќи од почетокот на годината со отпочнување на преговорите, потпишување на Договорот, референдумот, уставните промени кој процес ќе заврши на 9 јануари 2019 година кога ќе се усвојат уставните промени со двотретинско мнозинство во Собранието. Што нѐ очекува во новата 2019 година? Најверојатно ќе се занимаваме со  имплементација на Договорот со Грција после меговата ратификацоја во Грчкиот парламент. Што друго? Реформите! Реформите мора да почнат… Време е… Нека наредната 2019 година година биде година на реформи…

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...