На вкупно 27 страници Советот на Европската Унија ги објави заклучоците по вчерашниот состанок, а на три од нив е испишан заклучокот кој се однесува на Македонија. Земјава доби датум за преговори – јуни 2019, но до тогаш ЕУ нагласува дека очекува да продолжи реформскиот пулс во државата и да има опипливи резултати.
Во осум точки Советот ја дава оценката за разни сектори одделно, а во последната наведува дека согласно напредокот, пред сѐ, спроведувањето на Пржинскиот договор, Планот за итни реформи и Договорот со Грција, се согласува да одговори позитивно на напредокот и „да го постави патот кон отворање на пристапните преговори во јуни 2019 година“.
Сепак, и овде уште еднаш Советот ги нагласува резултатите кои ги очекува до тогаш, а тоа се: реформи во судството, истраги, обвиненија и правосилни пресуди за корупција и организиран криминал, вклучително и оние на високо ниво; реформи на разузнавачките и безбедносните служби; реформа на јавната администрација.
Во зависност од постигнатите резултати првата меѓувладина конференција, порачува официјален Брисел, треба да се одржи до крајот на 2019, а до тогаш Советот ја повика Европската комисија да ги следи реформите и да даде оценка во годишниот извештај, како и да почне со подготовките за отворање на преговорите.
Во заклучокот, преовладува признавањето и поздравувањето на направените реформи, конкретни критики нема, но се нагласува дека мора да продолжат започнатите реформи. Меѓу другото, ЕУ очекува да расчистиме со криминалот од „бомбите“, политичките партии да имаат култура на компромис и дијалог, да не се караме со соседите како порано, да се справиме со невработеноста на младите и жените…
Во продолжение ги пренесуваме интегрално точките од заклучокот на Советот на ЕУ.
- Советот го поздравува тоа што земјата ја надмина длабоката политичка криза, континуираното спроведување на Пржинскиот договор и значителниот напредок во спроведувањето на итните реформи. Советот го поздравува и тоа што од мај 2017 година, дури и во тежок политички контекст, новата Влада направи важни чекори да се врати културата на компромис со тоа што ќе бидат опфатени сите засегнати страни, вклучително и опозицијата, со цел да се зајакнат демократијата и владеењето на правото, државата да покаже вистинска волја за реформи и да се однесува со своите соседи во духот на добрососедството.
- Предвремените парламентарни избори кои беа дел од Пржинскиот договор, се одржаа на 11 декември 2016, а локалните во октомври 2017 година. Советот ја зема предвид оценката на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите биле конкурентни и се почитувале основните права и слободи што придонесе за спроведување на демократски избори. Нотираме дека е направен напредот врз основа на препораките од ОБСЕ/ОДИХР и во однос на враќањето на довербата на граѓаните во изборните процеси.
- Советот на ЕУ го поздравува првиот конкретен напредок за независно судство, подобрувањето на работата на судовите и работата на СЈО, со што започна да се надоместува уназадувањето од претходните години. Советот потсетува на важноста да се продолжи во барањето одговорност за незаконските активности кои произлегуваат од прислушувањето објавено 2015 година, како и на тоа дека треба да се утврди одговорноста за нападот во Собранието на 27 април 2017. Советот охрабрува да се спроведе Стратегијата за реформи во правосудството, да се спроведат препораките и да се постигнат опипливи резултати со цел независно функционирање на судскиот систем.
- Советот забележува напредок во реформската агенда и ги охрабрува сите партии да имаат континуиран дијалог и да ги продлабочат сегашните реформи, пред сѐ, во клучните области од владеењето на правото, како што се: борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на судството, борбата против радикализмот и тероризмот и реформи во разузнавачките служби. Советот ги нагласува и важноста на јавната администрација која треба да биде деполитизирана и врз заслужна основа, изборните реформи, слободата на медиумите и зајакнувањето на надзорот над извршната власт. Тука се потенцира важноста од ефикасно спроведување на тековните и планираните реформи.
- Советот ја поздравува конструктивната улога на граѓанскиот сектор во демократската трансформација, значителното подобрување на условите во кои тој дејствува и тоа што владата е посветена на инклузивноста и на вистинскиот дијалог со граѓанското општество.
- Советот го поздравува забележителното подобрување на рамката за управување со јавни финансии и транспарентноста. Исто така, ја повикува земјата да ги реши клучните предизвици во согласност со заедничките заклучоци на економскиот и финансискиот дијалог помеѓу ЕУ, Западен Балкан и Турција, како што се сивата економија и корупцијата, да се справи со недостигот на ефикасно спроведување на законот и нетранспарентната регулаторна рамка, да се справи со високата невработеност кај младите и жените и со модернизацијата на образовниот систем на сите нивоа.
- Советот ја поздравува зголемената усогласеност на политиките на земјата со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и ја охрабрува да го подобри усогласувањето.
- Како што пишуваше во претходните заклучоци на Европската комисија и на Советот, од суштинско значење е да се одржат добрососедските односи, вклучувајќи го тука и договореното решение за името под покровителство на Обединетите нации. Советот го поздравува потпишувањето на договорот за името со Грција и се надева дека истиот ќе биде ратификуван и спроведен. Исто така, го поздравува и Договорот за добрососедство со Бугарија и ја нагласува важноста од негово континуирано спроведување. Овие два големи чекора кои се направени треба да значат и ефективен крај на какви било тврдења кои се изнесуваат врз основа на погрешно толкување на историјата.