Неодамна, во еден шпијунски филм, чув / прочитав ваква реченица: „политиката е фер игра, ама националната безбедност не е“! И не сум чул / прочитал посоодветна мисла за нашава ситуација денес, за „операцијата бараба“, за сите (наводно) криминални и политички консеквенци што би произлегле од т.н. „случај Груевски“, ама никој, баш никој, не ги спомнува безбедносните аспекти на бегството на барабата од земјава!
Да, се согласувам дека цитираната реченица со нас нема ама баш никаква врска бидејќи, овде, ни политиката ниту што и да е’ друго е фер игра, а националната безбедност никој не ја ни спомнува. Особено не шутракон на Водно, инаку задолжен за истата! А богами ни најголемите наши „аналитичари“! Сите си го острат на некакви претпоставки, на тези и полу-тези, бараат некаква политичка одговорност, а забораваат дека избеганата бараба, и не само таа туку и оние двајца во Грција, беа накљукани со безбедносни информации – не само „формациски“ туку и своеволно односно по силата на авторитарната власт – така што нивното бегство, или „бегство“, како сакате, е добредојдено (ако не и посакувано?) за сите соседни, и не само тие, држави.
Златни безбедносни кокошки, ако сакате. Кој, инаку, не би сакал да „вдоми“ неодамнешен премиер на соседна / регионална или која и да е’ држава, и тоа не обичен туку баш екс-премиер автократ, фактички носител на целата извршна и друга власт во државата? А нашана бараба беше токму тоа, па и повеќе од тоа: беше и Иванов, и Вељановски и Груевски во едно, што ќе рече баш три во едно, ако не и сите четири иако, мислам, Мијалков малку му ги мешаше сметките за да биде цели четири во едно! И сега, таква бараба ви доаѓа и ве моли за азил. Плус, полн како брод, како два брода, се разбира од типот на оние белосветски крузери.
Или можеби – грешам? Можеби нашиве служби, поточно „служби“, така експедитивно ги менуваат шифрите, податоците, врските … оние најтајните … можеби како во најдобрите американски филмови со нивните претседатели во главна улога … за да непријателот кој ја „киднапирал“ дотичната бараба не може да има голема полза од него? Не би рекол. Не само заради фактот што ние, а со тоа ни барабата, немаме некакви атомски постројки што можат да се активираат со далечинско управување – а криминалецот, по силата на функцијата, ги знае(л) шифрите, ама тие автоматски се бришат по неговото заминување од функцијата – туку и заради вистината дека држави од нашиот формат навистина не се којзнае каква тајна за регионот, или светот. Ама сепак!
Нема ли нашава држава некакви безбедносни процедури, нема ли тајни што другите не би требало да ги знаат … ? Или ние сме навистина (да простите) „откриен газ“? Па дури и да е така, некој да го спомнеше фактот дека кидавелата на барабата претставува и безбедносен ризик за земјава, дури долгорочен? Та зарем навистина Македонија е таква бела книга дури и во безбедносен поглед? Не сум сигурен, или не сум баш сигурен додека надлежните не не’ уверат во спротивното.
А тоа би било: дека избеганото чудовиште, на пример, не ги знае шифрите на трезорот на Народна банка на РМ или тајните приоди до него, или не го знае распоредот на граничните единици на АРМ, или не ги знае процедурите и тајниот распоред на скривалиштата за највисоките државни функционери во случај на потреба, или не ги знае соработниците на македонските тајни служби во земјата и во странство, или … ? Не можам ни да замислам што се’ може да знае барабата, а што би било од интерес на тајните служби на Унгарија, како негово прво пристаниште, а потоа и на сите соседни држави низ кои што се развезувал, секако не заради неговите „убави очи“! Или што би било од интерес на државите каде што криминалецон веќе планира да бега после унгарскиот беневолентен азил и неопходното „отслужено“ време покрај убавиот плав Дунав но од Будимпештанска перепектива?!
Тргува ли барабата (и) со тие информации? Знаеме сигурно, или не знаеме? И знаеме ли што се’ тој знае и од каков, и колкав интерес би биле тие информации за странците, кои и да се?
Сакам да кажам: ниту запирка од ова не е баш моја работа, ама нечија – е’. Но, никој не ја ни спомнува! Зошто? Има некој проблем, или никому не му дотекнува дека може да има проблем?
Во тоа не можам да верувам, ама мислам дека премногу време трошиме бавејќи се со политички глупости, наместо да се сконцентрираме прво на безбедносните прашања – вклучувајќи ги тука и оние за начинот како тој избега од државава – а дури потоа да видиме дали има место, а има, секако, и за политички и други одговорности. И за кого, се разбира.
А впрочем, како што тврди министерот Спасовски, ако од 2017 година сите македонски гранични премини биле известени дека барабата не смее да ја напушти државата ни со лична карта, нели е тоа (голем) безбедносен проблем, да не речам огромна безбедноста дупка во системот? Односно, ако тој токму така ја напуштил државата – со лична карта, иако ни тоа не е утврдено – нема ли тука место за дебела кривична односно безбедносна одговорност? И не ли се (и) безбедносните прашања дополнителен аргумент во нашето инсистирање на неговото враќање во земјата? И зарем ЕУ ни тоа не го разбира кога вели дека таа „нема никаква надлежност да интервенира за екстрадиција“ на криминалецот?
И уште еднаш да поставам обратна теза: а ќе има ли надлежност да интервенира ако ние, на пример, почнеме да испраќаме „црни тројки“ низ Европа да киднапираат нивни екс-премиери, министри, претседатели …?
И ќе има ли надлежност да сопре некоја таква тројка која што би отишла да ја врати избеганата бараба? Сигурен сум дека тогаш сите нивни „аргументи“ што сега ги наведуваат во полза на Орбан и неговата дипломатска мафија веднаш би се свртиле против нас и ние би биле нецивилизирани, наследници на солунските атентатори, комити и којзнае што не!