Наведувам детаљ од објаснение на премиерот Заев кој зборува за тоа што сакал да внесе Билал Касами (шеф на Беса) во Уставот кој се менува сега според некои веќе прифатени обврски од Преспанскиот договор. Тој детаљ на Заев гласи: „Суштината на Беса е преку формулацијата на македонско/граѓанин на на РСМ да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите, Власите и сите други во државата ќе бидат македонски […] државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично“.
На друго место објаснив дека онаа коса црта („/“) означува „или“ што (би требало да) упатува на иденититет по смисла меѓу „државјанство“ и „граѓанин на РСМ“ кој не е – тоа! А еве и зошто. Премиерот Заев по секоја веројатност точно наведува формула од Преспанскиот договор кога вели „македонско/граѓанин на РСМ“ но затоа пак видливо ја коригира (да не речам фалсификува: намерно или не, сеедно) таа формула кога веднаш додава: „државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема.“
Во што е проблемот? За да има идентитет по смисла меѓу „државјанство“ и „граѓанин на РСМ“ формулата во Договорот треба да гласи: „државјанство/ граѓанин на Македонија.“ Никако „граѓанин на Република Северна Македонија“ (РСМ). Или, ако се инсистира на „граѓанин на Република Северна Македонија“, тогаш идентитет по смисла секако би било „државјанство северномакедонско“, а не „македонско“ како што стои во дополнителното објаснение на Заев. Бидејќи, како што убаво се гледа, нема идентитет по смисла, трба да се прашаме: на што упатува онаа коса („/“) црта во нашиов конкретен случај?
Одговорот на тоа прашање гласи: таа коса црта упатува на алтеритет. Не на идентитет по смисла! Едно е, на пример, да кажате „државјанство: граѓанин на Македонија“ и друго „граѓанин на Република Северна Македонија“ како што стои во Договорот. А зошто упатува на алтернитет? Затоа што без него воопшто не би дошло до договар со Грција која, во прво време (така зборуваше, ако не се лажам и Никос Коѕјас), упорно бараше да се преговара не само за „географска одредница“ туку и за „идентитетот Македонци“. Иако посредникот на ООН Метју Нимиц кротко ама енергично повторуваше: „за идентитетот не се преговара“; „немам впечаток дека Грција бара промена на идентитетот“.
Тука е неопходно да се укаже и на следното: од јазичка гледна точка има категории зборови кои спаѓаат во сферата именки/имиња и категории зборови кои спаѓаат во сферата на глаголите – ознаки за дејства/акции. Придавките, на пример, се врзуваат за именките како што прилозите се врзуваат за глаголите. Еден вид придавки (nomina posesiva) како „македонски“, на пример, упатуваат на потекло (генитив) или припадност (датив). Нивната служба се состои во тоа „поблиску да определат“ (Конески) именка или да актуелизираат „тема“ (подмет во проста реченица) на говор според речникот на знаменитиот лингвист Роман Јакобсон кој го користи изразот „коментар“ за прирокот (глагол).
Зошто е важно да се укаже на тоа? Затоа што кога Никос Коѕијас строго би се држал за сите (логички!) последици од промената на името Македонија во Северна Македонија, тој никако немало да потпише договор со „државјанство: македонско/граѓанин на Северна Република Македонија.“ Тој би инсистирал на формулата: „државјанство: северномакедонско/граѓанин на Република Северна Македонија“. По истиот начин и нашиот министер Никола Димитров упорно би инсистирал на формулата „државјанство: македонско/граѓанин на Македонија“. Никако на – „граѓанин на Северна Република Македонија.“
Кога и двајцата би инсистирале на таа логичка (и граматичка истовремено како што објаснив на друго место!) строгост која потекнува од „географската одредница,“ не би дошло до никаков компромис. Ни разумен, ни безумен! А во што се состои тој компромис? Далеку од умот е дека Гркот Никос Коѕијас не знае дека државјанството нема (ајде да се изразам поблаго!) некоја силна врска со идентитетот како што вели сега премиерот Заев: „државјанството е македонско и така и ќе остане“. Далеку од умот да се мисли дека Никола Димитров не знае оти од она „државјанство: македонско“ може да произлезе само „граѓанин на Македонија“. Никако „граѓанин на Република Северна Македонија“.
Напротив! И двајцата го знаат тоа многу добро. Како што знаат дека треба доволно да се огрешат кон логиката (и граматиката!) за да се најдат некаде на половина пат, услов да се реши еден долгогодишен спор меѓу две соседни земји. Димитров му помогна многу на Коѕијас со она “граѓанин на Република Северна Македонија“ да му затне уста на Киријакос во Грција. Како и нашиот Христијан, тој добро знае дека на часот би умрел (политички!) кога би престанал да крева врева до небо. Би умрел како легендарната Шехерезада од „Илјада и една ноќ.“ Додуша, таа не крева врева до небо, туку смислува приказни за да – преживее. Коѕијас тоа го стори со она „државјанство: македонско“. Иако добро знае дека секој национален идентитет се врзува за јазик. Не и за – државјанство!
Каде е во таа приказна несреќниот Касами со неговата Беса? Тој е на страната на – себеси! Сака и тој да остане политички жив како Гркот Мицковски и Македонецот Мицотакис. Оти, ако тој Преспански договор е Дамаклов меч и гилотина истовремено за нивната политичка релеванција, што би можело да биде за еден микроепизодист од формат на Касами? Што друго освен Дамаклов меч, гилотина и анџар истовремено. А зошто сака да остане политички жив? Затоа што поривот за политички живот е неретко дури посилен од оној биолошки. Впрочем, од политика многу подобро се живее отколку од – мотика!