Пропаѓањето на предлогот за преименување на нашата држава во „Република Илинденска Македонија“, како основа за искрен и чесен компромис со Грција, го отвора прашањето – „што понатаму“? Вистинското прашање всушност е: што е тоа што ги наведе сите политички сили во Грција резолутно да го одбијат предлогот што очигледно бил прифатлив и за нивниот шеф на дипломатијата, а и за премиерот? Што е тоа што го чини толку неприфатливо ова ново име, кое инаку требаше да важи и за внатрешна и за меѓународна употреба (ерга омнес)?
Најнапред, нужно е да се вратиме на 2008 година. По Самитот на НАТО во Букурешт, стана јасно дека Грција има едногласна поддршка од НАТО-сојузниците за нејзиниот предлог за преименување на нашата држава во Северна/Горна/Вардарска/Нова Македонија за сите намени (ерга омнес), како основа за разумен компромис во спорот за името. Тоа, пак, резултираше со нарушување на балансот во преговорите воспоставен со Привремената спогодба. Затоа, од тој момент натаму, преговорите можат да завршат со договор единствено ако се прифати грчкиот предлог, а сè друго значи одбивање и отсуство на договор. Притоа, сеедно е дали одбивањето е целосно или делумно. Во договорните односи или имате договор или немате. За волја на вистината, сојузниците беа убедени дека го заштитиле и интересот на нашата држава со тоа што издејствувале од Грција да понуди преименување во Северна/Горна/Вардарска/Нова Македонија. И во тој поглед беа јасни дека нема да ѝ дозволат на Грција да отстапи од таквата понуда.
Грчкиот консензус
Нашата Влада пред и по Букурешт 2008 година го одби грчкиот предлог, преку реафирмирање на стариот предлог од времето на Глигоров и Малески за благо модифицирање на името на нашата држава во меѓународните односи во „Република Македонија (Скопје)“. Неодамнешниот предлог за преименување во „Илинденска Македонија“ во крајна инстанца е исто такво одбивање на грчкиот предлог од Букурешт 2008 година за кој во Грција е постигнат консензус во 2007 година. Сосема логично, предлогот за Илинденска Македонија доби негативна реакција во Грција (иако било договорено со грчкиот министер за надворешни работи, а и премиерот Ципрас дал начелна согласност). Но, од истата причина, мала е веројатноста за успех на кој било друг предлог кој би отстапувал од грчкиот консензус. По неуспехот на „Илинденска Македонија“ (кој не мора да е дефинитивен), патот по кој Република Македонија треба да продолжи понатаму е:
Прво, Владата треба јавно да декларира дека името на нашата држава е „Република Македонија“, а не „Македонија“ како што Грција тврди. И дека во преговорите за ова претходно прашање мора да се постигне согласност, пред да се продолжи понатаму (ова можеби звучи будалесто, исто како да барате двете страни да се сложат дека Земјата е тркалезна, но реалноста е дека ние со Грција сме во спор дури и за тоа дали нашето име е Република Македонија).
Второ, Владата треба јавно да декларира дека за нас прифатлива цел на компромисот кој треба да се постигне во преговорите е да се направи јасна дистинкција (разликување) меѓу името на нашата држава „Република Македонија“ и географскиот регион „Македонија“, во чиј дел нашата држава е сместена. И, секако, дека се повлекуваме од позицијата изразена од нашите претставници во изминативе неколку месеци дека целта на компромисот е дистинкција (разликување) меѓу името на државата „Македонија“ и географскиот регион „Македонија“.
Трето, и покрај тоа што постојното име на нашата држава „Република Македонија“ е сложено и како такво е доволно за да се направи разлика од името на регионот „Македонија“, Владата треба да ја реафирмира согласноста дадена во 1992 и во 2008 година во меѓународните односи да го користи името „Република Македонија (Скопје)“, кое мора да е и преводливо на други јазици. Додавањето на главниот град во заграда би била отстапка што би ја направиле исклучиво заради задоволување на потребата на посилната страна да го претстави компромисот пред својата јавност (исто како и референцата и Привремената спогодба)
Неприфатливо преименување
Четврто, врз основа на член 7 став 1 од Привремената спогодба од 1995 година, треба да се истакне барање кон Грција веднаш да престане со дејствијата на непријателска пропаганда (https://www.mfa.gr/en/fyrom-name-issue/) и тоа: 1) да престане со тврдењето дека нашата држава „го заснова своето постоење на вештачкиот и лажен поим „македонска нација“, кој е граден систематски преку фалсификување на историјата и користење на античка Македонија чисто за остварување политички резултати и 2) да престане со обвинувањето дека Република Македонија „во континуитет, систематски ги прекршува духот и словото Привремената спогодба од 1995 година, како и обврските кои за неа произлегуваат од таа Спогодба“, затоа што тие „наводни“ прекршувања беа оценети како неосновани од Меѓународниот суд на правдата во Пресудата од 5 декември 2011 година (деталите на дипломатската иницијатива ги оставам за МНР).
Петто, Владата мора јасно да им потенцира на сојузниците дека нивната поддршка за грчкото прекршување на Привремената спогодба од 1995 година воопшто не го олеснува постигнувањето компромис меѓу двете земји за спорот за името. Напротив, ваквата поддршка за Грција го прави постигнувањето компромис невозможно, бидејќи ѝ овозможува на Грција да поставува неприфатливи барања кон нашата земја. Следствено, нашата Влада мора јасно да декларира дека преименувањето во Северна/Горна/Вардарска/Нова Македонија е неприфатливо за нас (и со тоа да се откажеме од таа идеја дури и да е само за во меѓународните односи). Со овој чин, сите релевантни политички чинители во земјата сериозно ќе се доближат, со што ќе се овозможи постигнување национален консензус, а што, пак, ќе биде силна порака кон нашите меѓународни партнери за патот по кој треба да се бара компромисот.
Се разбира, не би било на одмет да се реафирмира нашата посветеност кон почитување на сопствените обврски од Привремената согласност од 1995 година, која е всушност Спогодба за добрососедски односи, а и да се потсетат пријателите од меѓународната заедница дека повредата на Спогодбата за добрососедски односи која ја прави Грција не може да биде ништо друго туку акт на загрозување на добрососедските односи и регионалната стабилност. И да, тоа ќе значи да влеземе во расправа со Грција. И ќе треба да се троши енергијата и ресурсите, а ќе треба и знаење. Но, без расправа и без работа, нема што да бараме, освен да капитулираме.