Ѓорге Иванов во своето конфузно обраќање до јавноста „уште еднаш потсетува“: „мојот Кабинет во безброј наврати ги демантираше лажните вести со кои во континуитет се гради негативна перцепција за нас“. Не објасни кои се тие „нас“, иако може лесно да се претпостави – партиската клика што го донесе на власт по пат на изборни измами. Што се однесува до „лажните вести“, тој изгледа не слушнал дека лажните вести се демантираат со факти и докази. А тоа е речиси исто толку едноставно како што „после декември ќе дојде јануари“. Како ја осознал таа вистина, а оваа не?
Факти за кои се оди во Шутка
На човеков никако не му станува јасно дека фактите и доказите не може да ги прогласи за лажни вести и шпекулации само затоа што не му се допаѓаат. Не се лажни вести тие што разоткриваат и разобличуваат. А тој е разобличен, уште еднаш! Дали некој ќе му каже дека за доказите против него се оди право во Шутка? Сепак, среќа негова, во оваа држава нема доволно силни институции што ќе ја истераат правдата до крај, освен ако не се немоќни социјални случаи. Ќе бидам пријатно изненаден ако тоа, сепак, се случи.
И така, овој крајно извалкан лик што седум години претежно молчеше, за кој дознававме дека постои само кога правеше урнебесни гафови со кои ја засмејуваше целата нација, на страна тоа што нѐ срамеше, сега почна самиот да набројува дел од валканиците за кои прстот на јавноста е вперен во него. Откако некои птици со егзотични прекари како Нинџа пропеаја, можеби и истражните органи ќе го вперат својот нервозен прст и продорен поглед во него.
Како и да е, овој „голем филозоф“ мисли дека зборот нешто му тежи и дека е доволно само ако каже дека се лажни вести обвиненијата дека се подготвувал да се засолни во „Јасен“ во случај на воена состојба. Аргументот му е дека „Јасен“ е јавно претпријатие во надлежност на Владата. А во случај на воена состојба, кој би бил надлежен, не кажа, ама знаеме дека тогаш надлежноста преоѓа во рацете на Армијата, чиј врховен командант е тој. И сега сите треба да паднат во несвест затоа што тој така кажа.
Подготовка за барање азил
По сведочењата што јасно ги потврдуваат и претходните сознанија дека Иванов, злоупотребувајќи ја својата функција и моќта на институцијата што ја узурпира веќе десет години, учествувал во планирање и (обидот за) спроведување на најцрните сценарија во изминатите години. Се разбира дека ќе демантира. Колку и да се провидни неговите грчевити настапи, тоа е единственото нешто што му преостанува. Или, да побара азил кај Ердоган во Турција, каде што најави дека добил покана да предава на некој универзитет. Линиите се исцртани со дебел фломастер.
Нападот на Собранието, обидот за убиства, учеството на странски агенти во нападот, координацијата на високи полициски функционери со напаѓачите и нивна заедничка акција со фантомки на главите, за Иванов не се сериозни акти. Тој во ниеден момент не ги споменува. Наместо тоа, тој ја плете својата бескрајна приказна, онаков здодевен, во надеж дека ќе нѐ хипнотизира.
Воедно, Иванов ја подготвува „одбраната“ на земјата домаќин каде што мисли да бара експресен политички азил, со тоа што во својот говор нагласува дека „се вршат притисоци и закани“ врз него.
Кои се вистинските нарачатели?
Притоа, одбраната од сведоштвата за неговата инволвираност во тешки кривични дела ја започнува со едноставно квалификување на тие сведоштва како лажни. Потоа, се вкопува зад набројување на едно чудо сериозни институции во чие разградување учествуваше лично тој: Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање и други институции кои се споменуваат во сведоштвата што го имплицираат него.
Имено, добро би било кога сите овие институции да ги обелоденат фактите без ограничувања и без уништување на доказите (ако не се уништени до сега). Смешно, тој ги упатува овие институции да истражат „дали постојат какви било административни записи за подготовки на некакви сценарија за воена или вонредна состојба“. И малите деца знаат дека вакви сценарија не се пишуваат во кабинетите на тие институции. Најчесто и не се пишуваат, туку командите се издаваат усно или по телефон (каде што е кваката…).
На крајот од својата расклатена одбрана (јавно обраќање), тој посочува дека има и некој над него: „Ве уверувам дека со нарачани лажни искази и генерирање лажни вести нема да се прикрие реалноста и вистинските нарачатели на настаните од 27 април. Кабинетот на Претседателот не е дежурна служба за давање алиби.“ Аха! А кои се вистинските нарачатели? Кој тоа барал алиби од Кабинетот на Фикусот?
Како тоа Иванов укажуваше на проблемите со УБК?
Агитпроп машинеријата на овие сомнителни, осомничени или осудени ликови од нашето мрачно политичко поднебје, има една фалинка. Без оглед на тоа колку е робусна и софистицирана, на своите најистурени точки, агитпропот во еден момент престанува да функционира успешно. Таму каде што елитата и подземјето се едно исто, таквите како Иванов и оние што се во истата категорија, што и да кажат, звучи провидно и на некој извитоперен начин, всушност, ја кажуваат вистината. Затоа, не сакајќи, Иванов само чита енкриптиран обвинителен акт против себе. Ако се анализираат неговите тези и точки на одбрана, ќе се забележи каде е, всушност, највалкан.
На пример, на општа смеа наидува неговиот став дека уште во 2015 година укажал дека „УБК е главното жариште на генерирање на сите политички и безбедносни кризи во Република Македонија“.
Како тоа? Со билдање на врските на неговиот „кабинет“ со разузнавачко-полициски агентури и политичкото подземје? А потоа и со аболицијата во април 2016 година што доведе до Шарената револуција и крајот на Груевски? Ако мислеше на тоа, в ред, но тоа не се нарекува укажување, туку директна вмешаност.
Није вотка ракија
Слично е и со изјавите на руските дипломати. Тие во своите изјави јасно ги исцртуваат своите вистински мотиви. Мавтајќи со своите канџи, руските гласноговорници и функционери, како Лавров во Москва или рускиот амбасадор во Скопје, точно посочуваат каде треба да го очекуваме нивниот напад и каде треба да ги бараме „базите“ на нивните операции.
Иванов ни открива дека учеството на српскиот разузнавач во нападот на Собранието на 27 април 2017 година е „непрофесионално“. Кога, со какви овластувања и како тоа „кабинетот“ на Хорхе спровел истрага, па утврдил дека овој акт е „непрофесионално однесување“? Уште да заплачеме од сожалување по српскиот разузнавач. Во што тоа не бил „професионален“ кутриот Живаљевиќ? Во тоа што го откриле или во тоа што не ја постигнал целта? А можеби Живаљевиќ ќе поднесе тужба за навреда деновиве. Или, во одбрана на поважни фигури од Иванов, неговата агентура ќе испрати нови сведоштва преку српските таблоиди. Како и да е, клопчето почна да се одмотува и тоа на прилично забавен начин.
И, за крај, мислам дека Иванов не ја смета македонската јавност за глупава. Едноставно, како и неговите стопани, самиот има проблем со паднатата маска што ниедна агитпроп машинерија не може да ја поправи. Мислам дека има и други проблеми, но не би сакал сега за тоа, и онака сите знаат за другите проблеми.