Што е посилно: стравот или надежта?

Со евентуална ваква кандидатска пермутација, претседателската трка нема да биде соочување на различни идеологии, туку на спротивставени емоции.

1793

Да го честитаме изборот на Гордана Сиљановска за опозициски кандидат на следните претседателски избори. Таа сака да биде „претседател кој обединува во овие тешки времиња!“.

Ете ја линијата по која ќе се води нејзината претседателска кампања. Сиљановска ќе ја претставува „тежината“ на патриотската тага, на родољубната мака и на националната разочараност, за, како што вели, „работите да се вратат во нормала“. Која е таа „нормала“? Тоа е нормалата на владеењето на Груевски. Нормалата пред настапувањето на сегашните „црнила“, за кои секојдневно труби пропагандата на опозицијата.

На тоа ќе се спротивстави кандидатот на СДСМ (можеби заеднички со ДУИ) кој ќе понуди надеж и оптимизам за правецот во кој се движи државата, откако заврши фазата на „нормалата“ од владеењето на режимот на Груевски. Сега „стварноста“ е на Заев.

Судирот на овие два крупни емотивни наративи – меѓу стравот од, и надежта за иднината – по дефиниција е епски. Во таа „поетика“, настаните и страстите обично се врзуваат за одреден херој и за неговите големи постигања и жртви што го смениле текот на националната историја. Таман како печено за нас!

Значи, мизансценот е поставен: преку изборот на граѓаните, повторно ќе се судрат Заев и Груевски. Таквото соочување, претходно, ВМРО-ДПМНЕ го бојкотираше на референдумот. Сега, преку предупредувањата за „местење на изборите“, македонската опозиција срамежливо најавува дека сè уште не ветува дека ќе излезе на вториот круг од гласањето за претседател, чекајќи да ги види резултатите на Груевски по првиот круг гласање за непартиската-бивша-сдсм кандидатка Сиљановска.

Несомнено ќе биде забавно доколку кандидатот на СДСМ биде Никола Димитров, кој би бил одличен кандидат, иако е своевидно „огледало“ на Гордана Сиљановска, како непартиски-бивш-вмро кадар.

Со евентуална ваква кандидатска пермутација, претседателската трка нема да биде соочување на различни идеологии, туку на спротивставени емоции.

Што мислите, чии чувства се посилни, чии шанси за победа се поголеми: на разочараните и потиштените „груевисти“ (оние кои гласаат „против“); или на вербата во подобрата иднина произлезена од новиот правец во сегашноста на „заевистите“ (оние кои гласаат „за“)? На едните, соочен со правните последици од сопствените дела во минатото, лидерот им е во бегство – и тој негов кукавичлак може да ги чини губење и на овие избори, бидејќи бегањето никогаш не е добра препорака за да се добие некоја битка; на другите, лидерот им шета по светските метрополи за да прими признанија за правецот во кој сега се движи државата – но, по дома, во отсуство на „мачката“, „глувците“ оро водат, должностите остануваат недовршени, а незадоволството од владеењето има опипливи размери.

Сепак, во политиката и животот ништо не е така едноставно за да може да биде поделено на двохроно, црно-бело партиско гласање. Кај етничките Македонци, изборите ќе ги решат партиски „неопределените“ граѓани. Плус гласовите на нашите сограѓани, етнички не-Македонци. Тие ќе одлучат дали незадоволството од оваа власт е поголемо или помало од незадоволството од претходната власт.

А професорката Гордана Сиљановска, за потребите и на своите гласачи и за оние кои тоа не се, наскоро ќе мора да раскаже што мисли за долгите години на владеењето на Груевски. Бидејќи, за време на тие години, професорката си беше многу молчалива. Не може целата актуелна расправа за неа да се сведе на годините кога седела во владата на СДСМ. Молчењето може да вреди злато, ама ако немате претседателски амбиции.

Колумната е преземена од Цивилмедиа.  

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...