Кога пред извесно време, драги мои другарки и другарчиња, ги најавивте вашата голема офанзива против „лажните вести“ и активностите за „одбраната од нападите против демократијата“, јасно ми беше дека опасно се глупирате. Пишував за тоа, а вие ме прогласивте за предавник на вашата „кауза“. И еве, сега јасно се гледа дека подготвувавте алиби за масивната пропагандна кампања за оцрнување на политичките противници и на критичарите на власта (кампањата е во тек), како и за обидите со репресивни мерки да ги спречите изливите на незадоволство на луѓето што ги разочаравте со лошото владеење.
Иако знам колку сте нервозни и очајни, сепак не верував дека ќе се осмелите својата замисла да ја преточите во нови, срамни, тоталитаристички законски ограничувања на уставното право на слободно собирање. Да ве потсетам, членот 21 од Уставот вели: „Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба“.
Се разбира, согласно со прифатените меѓународни конвенции, декларации и стандарди, кои се составен дел на нашиот домашен правен поредок, законодавецот има право да пропише извесни ограничувања на правото на јавно собирање, но само ако тие се „неопходни во едно демократско општество во интерес на националната безбедност и јавната безбедност, јавниот ред, заштитата на јавното здравје или морал, или пак правата и слободите на другите”. Дополнително, Европската конвенција за човекови права им дозволува на државите да воведат законски ограничувања во остварувањето на ова право на припадниците на вооружените сили, на полицијата или на администрацијата.
Но, вие, другарки и другарчиња, сте смислиле една многу подла работа, нешто со што најдиректно покажувате дека не се разликувате од режимот на Никола Груевски што го соборивме. Така, според вестите објавени во некои медиуми, кои извесно е дека не се лажни (погледнете ја фотографијата на крајот на оваа колумна), пред неколку дена во Собранието стасале предлог-измени на Законот за јавни собири, во кои се предвидуваат нови, драстични, дури и неверојатни ограничувања на правото на јавно собирање.
Ако некако може да се разбере потребата да се ограничи правото на јавен собир во детските градинки и во училиштата, додека децата престојуваат во нив, или на автопатиштата, на магистралните и на регионалните патишта, како и на железничките пруги (тоа се главните артерии на сообраќајот во една земја), несфатливо е зошто сега на владата на Зоран Заев ѝ текнало да ги забрани јавните собири „на други места од витално значење за одвивање на сообраќајот“, при што поименично се наведени тунели, премини преку пат на железничка пруга, мостови, надвозници, подвозници, гранични премини, пристап до гранични премини и крстосници.
Добро, во тунели не сме протестирале (во тунелот кај Демир Капија игравте чочек, ама тогаш веќе бевте на власт), а не ми текнува да сме се будалеле да протестираме на премин преку пат на железничка пруга, па да нѐ згази возот, ако стаса. Но, се сеќаваат ли „шарените револуционери“ колку пати заедно протестиравме на мостови, на надвозници и подвозници, на крстосници? Како тоа тие места порано не беа, а сега одеднаш станале „места од витално значење за сообраќајот“?
Најскандалозното законско решение е јавните собири да се ограничат „во седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив, како и во резиденцијалните и репрезентативните објекти и околниот простор што им припаѓа на органите на државната власт на Република Северна Македонија“. Нека ми биде простено на дрскоста, но сепак морам да ги прашам луѓето што ја стокмиле оваа „генијална“ одредба – ало, дечки, па дали сте вие нормални?!
Со години, со децении, властите во нашата земја се менуваат, а политичките протести се одржуваат пред Собранието, пред Владата, пред судовите, пред обвинителствата, пред општинските згради, најчесто на „околниот простор што им припаѓа на органите на државната власт на Република Северна Македонија“. Така е во Македонија, така е секаде во нормалниот свет. Каде на друго место да се демонстрира незадоволство од власта, освен онаму каде што таа физички престојува?
Шапшали едни, одговорете каде на друго место да протестираат луѓето незадоволни од власта? Во атарот на село Муртино? Можеби ќе определите посебни простори за таа намена? Некакви ливади далеку од просторот што вам ви припаѓа, на луѓето од власта, просторот што мислите дека сте го наследиле од вашите татковци и дедовци. Е мало морген, другарки и другарчиња!
Кој ви дал право и со какво образложение се обидувате да ја зголемите потребната бројка на граѓани за организирање на јавни собири, од досега пропишаниот минимум од 20 граѓани, на најмалку 50 граѓани? Што се случило во меѓувреме во Македонија? Нацијата двојно ни се зголемила? Или можеби вашиот страв да не ви се случи народ двојно пораснал?
Најкомична е вашата намера да го ограничите времето на одржување на јавните собири од 6 часот наутро до 23 часот навечер. Луѓе, па вие тотално сте се мрднале од умот! Не е далеку денот кога во име на „одбраната од нападите врз демокртијата“ ќе воведете полициски час. Во 23 часот од уличните разгласи ќе се свири повечерје (може некоја пријатна мелодија, како „Сите спијат, а ние сме сами“, на пример), а на улиците ќе можат да се движат само одбрани лица лица, со аусвајс.
Е другарки и другарчиња, ви омекнале газињата во фотелјите во „органите на државната власт на Република Северна Македонија“. Па сте заборавиле кога против режимот на Груевски се боревме на протестните собири на Отпорот, на улиците и на крстосниците, на мостовите. Сте заборавиле кога ја пеевме „О бела чао“ до долго во ноќта. Веќе не се сеќавате на протестните собири на „Шарената револуција“, на маршевите по виталните сообраќајници, на деноноќните кампови пред Владата и пред Собранието. Груевски беше лош, ни праќаше полицајци, ни фрлаа шок бомби, ќе паднеше овде-онде и и по некој пендрек, но фер е да се каже дека на сатрапот сепак не му падна на ум да ги ограничи јавните собири со вакви безумни законски решенија.
Ау, па вие сте станале полоши од него!!!
А ништо нема да постигнете. Само лошо си правите. Кој ве заебал вака гадно, навистина не ми е јасно. Еве, да замислиме дека предлозиве ќе се усвојат. И ако граѓаните решат да протестираат таму каде што нема да биде дозволено, а вие одлучите да го спроведете законот, ќе мора да се фатите за пендреците и да се судрите со народот. И така самите ќе си ја врзете јамката околу вратот. Ќе ве осудат не само граѓаните на оваа земја, вклучувајќи ги и вашите најверни симпатизери, туку и луѓето од сите демократски земји во светот.
Со овој идиотизам, само ги покажувате сопствените слабости, несигурноста и стравот од претстојните парламентарни избори. Кој и да ве убедил да ги смислите овие нови законски ограничувања, па уште и да ги шлапнете на хартија, буквално од земја ве акнал. А бидејќи вие тоа не го разбирате (оти, како што утврдив повеќе пати, едноставно толку ви сече), вие ништо друго и не заслужувате. Леле во што се претворивте, мене срам ме фаќа!