Што да правиме со овој живот никаков?!

1689

Еве ме, пак. Деновиве, можете да претпоставите, главно читам извештаи од мониторингот на референдумот и пишувам соопштенија и анализи. Тие се своевидни „рафали“ од теренот, повеќе од доволно гласни и предупредувачки. Кој и да (не) ги чита сите извештаи, сепак, тие ми дадоа податоци и материјал што ќе го споделувам со вас во наредниот период, за да разјасниме некои многу важни и тревожни прашања.

Песимизам и вицеви

За жал, сѐ повеќе ме опфаќа песимизам – дека некои болести на македонското општество, а уште повеќе на државата, се неизлечиви. Гледам дека моите речиси секојдневни „рафали“ вистински допираат само до оние што се жртви на политиката. Институциите и политичарите заглавија во лавиринтот што самите го создадоа низ годините, а малкумина (со чесни исклучоци) покажуваат волја и посветеност да ги расчистат тешките и темни облаци од корупција и неспособност.

Прочитав една политички крајно некоректна досетка на ФБ, поздрав од БиХ. Па вели: „Makedonci su umjetnici. Jer umjetnost je biti gluplji od Bosanaca“. Се разбира, не мислам дека народите се глупави, ниту балканските, ниту било кој друг народ на Земјата, ја пренесувам досетката со намера да направам друг вид илустрација. Така, не мислам ни дека Британците се глупави што подлегнаа на националистичката и ксенофобична хистерија, па излегоа од ЕУ, па сега масовно се каат. Мудроста на луѓето често се отсликува во демократските движења и потрагата по правда и благосостојба, но често се случува, да не кажам и пречесто, тие да бидат жртви на манипулативна и валкана пропаганда. (Морам да дообјаснам, затоа што тапоглавите пропагатори веднаш ќе почнат да ломотат, намерно извртувајќи ги пораките.)

Како и да е, барем вицеви не ни недостигаат.

Референдумот и политичкото мочуриште

Референдумот во Македонија, целиот процес, исфрли многу грди состојби и безброј фелери на системот на површината на политичкото мочуриште во кое живееме. Се мешаат темите и процесите намерно, а понекогаш и ненамерно, и кога има и кога нема смисла.

Текот и завршницата на референдумот, без оглед на тоа дали некој ќе каже дека е успешен или неуспешен, покажа дека македонското општество е многу ранливо и подложно на манипулација.

Конечно, отворено и без посебна задршка, се покажа и докажа дека руската држава и нејзините тајни служби сесрдно помагаа во минирањето на деценискиот сон на Македонија да се интегрира во развиениот, демократски свет. Свет што не е без сериозни недостатоци, но тоа не им пречи на стотици милиони луѓе да живеат пристојно, безбедно и достоинствено. И делумно им успеа тоа минирање, колку и да беа гротескни нивните пиони на домашен терен.

Чекан, наковална и бумеранг

Тоа што се случува во нашата земја даде огромен материјал за размислување и проучување, а најмногу за работа. Македонија е постојано меѓу чеканот и наковалната. Но, без оглед на општо утврденото уверување, чеканот и наковалната ги создадовме самите, а странските влијанија само се надоврзуваат на една или друга ситуација. Се ставивме меѓу чеканот и наковалната, поточно меѓу интересите на организирани криминални групи и крајно глупавиот национализам и шовинизам (а каков може да биде освен глупав?).

Ако ги ставиме проблемите што излегоа на површина и овој пат, со референдумот, тие ќе се вратат како бумеранг тогаш кога најмногу ќе боли. А веќе боли и тоа многу. Мораме да застанеме пред огледало и да се видиме во вистинска светлина и боја, да видиме што тоа не чини и да се обидеме да го поправиме час поскоро, без калкулација и потрага по политички профит или неколку минути слава на Фејсбук.

Грдата, заразна лига пред и зад нас

Референдумот и месеците што му претходеа оставија грда, заразна лига зад себе и ја искривија и стеснија патеката пред сите нас. Говорот на омразата и отвореното, агресивно попречување на правото на глас во текот на кампањата и на денот на гласањето го направија своето.

Црната кампања преполна со закани и дискредитација, со невидена националистичка хистерија и радикализам, беше масивна и ефикасно го разниша целиот процес. Институциите, нивната индиферентност, мрза, корумпираност, политизираност и неспособност – само го засилија ефектот што фашистичкото и криминално подземје тргнаа да го постигнат.

Навистина, тоа не спречи преку 600.000 гласачи (што веројатно е повеќе од 50%) да го искористат правото на глас. Црната пропаганда не успеа целосно, но штетите што ги предизвика не се поврзани само со референдумот. Навистина, овој референдум беше суштински важен, како што многумина велат, исто колку и референдумот за независност на Македонија. Имаат право, затоа што ако референдумот во 1991 година ни донесе држава, овој ни обезбедува иднина на таа држава.

Непријатни прашања

Во наредниот период, што ќе биде турбулентен, тензичен и тегобен, како и секоја политичка криза (да, таа настапи!), мора да бидат одговорени една долга низа непријатни прашања. Сите се помалку или повеќе одговорни за состојбите што на Македонија никако да ѝ овозможат да здивне и да застане цврсто на нозе.

Всушност се работи за канонади од прашања што ќе мора да се постават, отворено и директно, без милост или „ајде да заврши ова, па ќе разговараме“…

Прашањата за коруптивните елементи во кампањите, отсуството на системски одговор на грубото кршење на правото на глас, одговорноста за катастрофалната состојба на Избирачкиот список, за радикалниот национализам. Мора да се одговори на прашањето како дојде до тоа илјадници партиски солдати да се мобилизираат и да се вгнездат во процесот како набљудувачи. Системот дозволи, пак(!), да се постави бомба во системот и со тоа, мошне ефикасно, го загрози правото на глас, а патем ја извалкаа и благородната позиција на набљудувачите.

Мора да се одговорат прашањата, пред да продолжиме со овој никаков живот. Мораме да дознаеме што треба да очекуваме, како држава и како општество. Што треба да очекуваме како обични луѓе со еден живот што е многу краток, ако не и драстично скратен. Ако нема што да очекуваме (сѐ уште), ајде да се организираме и да побараме друго место за живеење, каде што веќе ни отидоа повеќе од половина милион сограѓанки и сограѓани. Кога не знаеме овде да си го средиме животот! Нека останат само тие со бугарски пасоши во џебот и антибугарски, антигрчки и антиалбански гнасотии во главата и во смрдливите усти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...