Што ги буни граѓаните во сметката за вода?

Од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје велат дека нема промени во цената на услугите кои се наплаќаат, туку само е променет изгледот на сметката по барање на Регулаторната комисија за енергетика која ги носи регулираните цени.

3348

Граѓаните деновиве повторно се вознемирени оти во сметките за вода гледаат нови ставки за „собирање и одведување на отпадни води“, „прочистување на отпадни води“ и надоместок за „одржување на јавното градско зеленило“. Дополнително ги збуни и реакцијата на Унијата на потрошувачи на Македонија (УПМ) која смета дека граѓаните треба да бидат прашани пред да им се воведат нови давачки. Од ЈП „Водовод и канализација“ во чии сметки граѓаните сега гледаат нови ставки велат дека сметките се непроменети, а новите ставки само се обврски произлезени од Законот за утврдување на водни услуги кој пропишува од сметката за вода да се издвојат ставките кои не се однесуваат на водата туку се наменети за плаќање на услугите на другите јавни претпријатија.

– Па нели во декември имаше накакво зголемување на цената на водата, зошто сега реагира Унијата на потрошувачи. Најверојатно има некоја нова давачка. Не сум ја видела во детали сметката. Само знам дека нас никој не нѐ прашува, си ставаат нови давачки, а ние треба да ги плаќаме – вели скопјанка.

Скопјанец, пак, шеговито вели дека тој плаќа за одржување на парковите, ама изминатото лето не видел дека некој го полевал зеленилото.

– Каде ги потроши „Паркови и зеленило“ парите што ги собира од нас. Минатото лето не видовме зеленило, тревата се исуши, а и дрвјата беа доведени во прашање низ Скопје – вели тој.

Од Унијата на потрошувачи забележуваат дека надоместот за одржување на јавното градско зеленило без ДДВ, е несразмерно висок во однос на вкупните давачки и изнесува 31 процент од тарифата за водна услуга што е голема сума.

– Покрај тоа, сега има и две други ставки – „собирање и одведување на урбани отпадни води“ и „прочистување на отпадни води“. Бараме од надлежните да ни објаснат што значат новите две ставки – изјави Атанас Трајковски од Унијата на потрошувачи.

Од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје велат дека нема промени во цената на услугите кои се наплаќаат, туку само е променет изгледот на сметката по барање на Регулаторната комисија за енергетика која ги носи регулираните цени.

– Според Законот за комунални дејности, услугите кои ги нудат јавните претпријатија на Град Скопје се наплаќаат преку сметката за вода, а парите се распределуваат според уделот во сметката. Досега сите ставки влегуваа во потрошената вода, а беше издвоена само ставката за собирање на отпад. Со стапување на сила на Законот за утврдување на цената на водата во сметката треба да бидат издвоени сите ставки и тоа е направено во новите сметки. Тоа го побара од нас и Регулаторната комисија за енергетика – велат од претпријатието.

Регулаторната комисија за енергетика која ги регулира цените и за водни услуги лани донесе три решенија за износот на цените на водата, отпадните води и прочистувањето на отпадните води.

Според нив, цената на водата на ЈП „Водовод и канализација“ за 2020 година за домаќинствата е утврдена на 18,50 ден/m³, за категорија останати во износ од 49,50 ден/m³ и за категорија РЖ Услуги АД Скопје во износ од 13,00 ден/m³. За собирање и одведување на урбани отпадни води е утврдена цена од 10,85 денари за кубен метар за домаќинствата и цена од 16,50 денари за кубен метар за останатите категории, додека пак за прочистување на отпадната вода цената е утврдена на 0,86 ден/m³ за домаќинствата и за останатите категории корисници.

Дополнително во сметките е издвоена и сумата која граѓаните ја плаќаат за одржување на градското зеленило како надоместок за кој висината ја утврдува советот на Град Скопје.

Од претпријатието велат дека и овој надоместок постоел од 2012 година во сметката за вода.

– И порано одреден процент од сметката одеше за ЈП „Паркови и зеленило“ наменето за одржување на градското зеленило. Сега е издвоено во сметките како посебна ставка. Надоместот се пресметува во висина од 19,5% од износот на тарифата за снабдување со вода за пиење и тарифата за собирање и одведување на урбани отпадни води – појаснуваат оттаму.

Пресметката за надоместокот за одржување јавното градско зеленило, според „Водовод и канализација“ е извршена според одлуките донесени од Советот на Град Скопје од 31.10.2012 година и од 28.10.2019 година.

Граѓаните во сметките која ја добиваат од ЈП „Водовод и канализација“ сега можат да видат дека за потрошен кубен метар вода плаќаат цена од 30,21 денар без ДДВ од 5 отсто. Во оваа цена се влезени парите за снабдување со вода, собирањето и одведувањето на отпадните води од урбани средини, прочистувањето на отпадните води, процент за фондот за води и фондот за отпадни води. Дополнително им се пресметува 5 отсто ДДВ, 19,54 отсто надоместок за одржување зелени површини како и услугата собирање смет која има цена од 3,59 денари за метар кубен отпад плус ДДВ од 5 отсто и за оваа услуга. Инаку во сметките се предвидени и други услуги со дополнителен ДДВ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...