Штип ќе причека за новата болница, нема да се пушти до крајот на 2018-та

Министерот за здравство рече дека новата Клиничка болница во Штип сепак ќе биде готова наредната година, наместо на крајот од 2018 година.

244

Министерот за здравство Венко Филипче при денешната посета на Клиничка болница-Штип ги промовираше новите 10 пациент-монитори наменти за коронарната единица, донација на штипската фирма Телекабел, новата индустриска машина за перење на алишта за пациентите и за униформите на лекарите во операциските сали, како и трите лапараскопски апрати набавени од сопствени средства на болницата.

Тој најави дека во тек е и тендерската постапка за набавка на ендоскоп, со кој лекарите ќе можат да дадат и нов тип на здравствени услуги на пациентите.

Министерот за здравство рече дека новата Клиничка болница во Штип сепак ќе биде готова наредната година, наместо на крајот од 2018 година.

– Иако иницијално првичната проценка беше дека градежните работи треба да завршат до крајот на оваа година, после застојот од неколку месеци, рокот е пролонгиран. Работниците се повторно во објектот и очекуваме тој да биде завршен во септември 2019 година. Интензивно ќе почне да се работи на делот, каде што треба да биде сместен акцелераторот. Се надевам дека тој дел ќе биде спремен и порано од останиот дел на болницата и тука ќе може да се смести акцелераторот, кој веќе е набавен и подолго време седи неотпакуван, и на тој начин ќе им се пружи нова услуга на пациентите, вели Филипче.

При посетата на штипската Клиничка болница министерот за здравство имаше и средба и со семејството на родилката од Свети Николе, која почина по раѓањето на здраво машко дете.

Тој информираше дека извештајот од Комисијата која е формирана од страна на Министерството е готов, но се чека и на официјалниот наод од обдукцијата, која ја има извршено Судска медицина. Во текот на наредната недела ќе биде комплетирана документацијата по што ќе биде предадена на раководството на болницата и на семејството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...