Ште умреш

1973

Толку многу нѐ поремети Груевски, што и од Заев бараме да биде Груевски, а од СДСМ да биде ВМРО-ДПМНЕ. Ни на памет не ни паѓа дека овие дечки и девојки, кои веќе не се ниту „нови“, не работат како Грујо и вемерето.

Ете, бараме насекаде да биде „државата“. Во секоја пора. Бараме „конзистентна политика, излезена од главата на еден човек. Навистина, во време на вемерето секоја нивна постапка личеше една на друга. Причината е проста: сето излегуваше од еден човек, а ако не, се чувствуваше цврстата прегратка на партијата. Ова е СДСМ, таму нема само еден интерес, само еден човек, нема секојдневна консултација до „врвот“, нема секојдневни инструктажи (веројатно ги има, но не такви и не толку чести). Овде те местат на функција по најфантастични врски и причини и те оставаат да си работиш. Пробуваат институциите да бидат институции и да работат сами, согласно закон, институционални навики (што не е за фалење) и по ретки инструкции, кога партијата сака нешто да протурка. Овде е секој за себе, со благо/посилно, лигушење кон Заев (партија е, нели, а лигуши – многу).

Толку многу ни фали партиската рутина на вемерето, што не говори добро за сите нас. Навиката е чудо. Навикнати сме да се појави премиерот по 50 пати на вестите, да сече ленти, да пуца топки на „проекти“, да тура лопати бетон (па дури и за фасади имаше „камен темелник“), да се слика со „народ“… еден ненормален активизам, кој народот го поздравуваше, а во суштина значи дека не си ја работел својата работата, туку си бркал пропаганда. Водителите на вестите се такмичеа кој ќе му се напика во задникот на вождот подлабоко и полижачки и не е чудо, кога ќе видиме дека трошеле тоа „браќата“ над 30 милиони евра државни пари, годишно, за пропаганда.

Навикнати сме да имаме по пет до десет пресови на портпароли, во кои се правдаат „проектите“, се „пеглаат“ криминалите и се „центрираат“ утките на владата. Еве, за пола милион евра се дигна таква прашина, колку што не се дигна за Скопје 2014, која потроши над 700 милиони евра. Ако се дига прашина, така треба, но не смееме да очекуваме од СДСМ да биде ВМРОДПМНЕ, а од Заев да биде Груевски. Скраја да е.

Целата приказна, суштински, е дека сега на власт имаме партија, а до пред една година имавме мафија. Партијата владее партиски, што значи раштимувано, троа коруптивно, троа неспособно, троа моронски, но ова не е партија од Шведска, туку македонска. Сите мани на општеството се отсликани тука и против нив мораме да се бориме. Против вемерето не смееше ниту да се бориш, се сеќавате? Тие ќе си верглаат, ние ќе ги ловиме, критикуваме и поправаме, ќе вршиме притисок врз нив да се подобрат, да сменат некое корумпирано говедо, да уапсат некој криминалец, кој се напикал во партија и ги чекал своите пет минути да се накраде. Ги гледаме, ги има и радосна вест е што ги апсат, сменуваат, што ги осудуваат. Заев ниту ги брани од институциите, туку само од опозицијата, која лаже штом ќе зине, па и оние 1% вистини, никој не ги ферма, оти знаат дека се од познатата вемреовска хистерија. И бурек да јадеш може да станеш издајник на македонската кауза. Тоа е вемерето. Доволно е да поминеш покрај некого или да го познаваш „од некаде“, одма ти лепат етикета дека си го вработил за 43.000 плата. Под вемерето ниту тајните служби не даваа отчет, а сега да бидеш фризер е најниското занимање на светот и толку гнасно, што и оние по контејнерите се срамат. Вемерето со четврто одделение ставаше и шефови и амбасадори и директори, а пола пратеници им беа аналфабети (пред да „завршат“ докторати), или нивни љубовници, а сега „фризерка“ било дно на ланецот на исхрана. Истовремено, цел народ заборава дека 11 години ниту еден партиец не заработи кривична пријава, а камоли пресуда? Но, на вемерето му се простува, оти се „многу способни“.

Од гледна точка на вемерето, есдеес се ретардирани. Види ги! На власт, а не крадат, не плаќаат медиуми да лажат за нив, не врбуваат професори за плакнење на каканото газенце. Не реагираат на написи, опозициска пропаганда, на обвинувања. Не ги покриваат какушките, туку оставаат на институциите, па, ако некој „гори“, нека гори. Ами ако „згреши“ обвинителот? Серкаат и потоа бришат. Плукаат и потоа лижат. Не се нервираат, не праќаат закани преку „јаки момци“, не ја туражираат Каракамишева по паркинзи, не водат кампањи против „нивни“ бизнисмени… Што им е на овие? Да не се замислуваат Швеѓани? Каде е тука партијата да „стегне“ како менгеме, да го замолчи народот, каде се контрадемонстрантите, расплаканите попови за Македонија, каде се платените твитерџии, „комичари по нарачка“, „претворање на говното во ружа“ со анимација? Ебати партијата, кога не им се заканува на граѓаните.

И заради што сакавте власт, тогаш? Да бидете исти со народот? Ебаве глупаци, што не знаете што е власт. Ете, тоа го бара „народот“, кој е оставен сам – на себе, да мисли со главата. Слободата е кучка! Никој не знае што да прави со неа.

Вакви се размислувањата дури и на голем број есдеесовци. Тие мислеа дека кога ќе дојдат на власт, мајче ќе расплачат. Кога, оп – трт – гевезн – зајн. Имало држава, имало институции, закони, надлежности, професионален интегритет, отчетност, транспарентност. Ами, оти се боревме? Ами оти не ги тужиме вемереовските портали, новинари, тоа Алфата? Не можеме да најдеме „наш“ судија да ги опне по дватриесет илјади евра?

Тоа време помина. Ова есдеес, колку и да е „ретардирано“, „некоординирано“, „смотано“, „местимично криминално“, нема да може да направи ниту 1 процент од она што го правеше вемерето. Нема шанса!!! Стандардот е поставен, колку и да е низок и ќе одиме само „нагоре“, а не надолу. Вемерето и нивните хокуспокус не смеат да се вратат. Нема повеќе да гледаме „држава“, туку застанување на институциите на нозе, дали климаво, дали споро, дали дебилно или генијално, тоа е капацитет. Битно е да не застанеме да ги „раснеме“ институциите, да ги храбриме експертите да ја заборават партијата, полека, но сигурно и да гледаат законите и надлежностите. Затоа, новинарите сме морале да ги претвориме во бесни пци, кои ќе ја ловат владата, секој министер, директор на институција, член на некаква комисија… Ќе ги ловат, ќе научат да соработуваат со невладините организации, универзитети и истражувачки кружоци, за да не дозволиме повторно да се случи ВМРО. Референдумот е најдобриот тест.

Да видиме дали народот ја цени слободата, колку и да изгледа климава, или сѐ уште сонува за „тате“ Грујо и цела друга плејада локални татковци, кои се спремаат за затвор. Нема веќе „тате“, кој носи веселба во куќата, кога ќе се врати од кафеана мртов пијан и на децата ќе им ги донесе лаги и капачињата од пивата, што ги испил, како подарок, а на жената валканите чевли и „заканата за секс“ од бугарскиот виц , пред да заспие на столица, како труп: „Ште умреш“. Кутрата сопруга, порано ќе се искилавеше да го донесе на кревет, ама сега времињата се сменети. Сега „сопругата“ може и да ги спакува децата и стварите и да си замине, а „тате“ може да се разбуди во затвор или пред судија, каде „ште умре“, на повеќе години во бајбок.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...