Самохрана мајка деновиве е жртва на повици за нејзина ликвидација од активист на една про-руска партија чие малубројно, но агресивно членство учествува на националистичките протести во организација на партијата на Фамилијата. Овој пример не е осамен, туку е само капка во морето од црна кампања што стана дел од нашите животи и од политичката култура на македонското општество. Повиците на ликвидација на поединци, нивна јавна дискредитација и оцрнување се главна содржина на грдата и насилна кампања што ја водат радикалите во земјава.
Одамна рековме дека е крајно време да се санкционира говорот на омразата и повиците на насилство и војна. Безуспешно. Пресметката со нив на социјалните мрежи не е решение туку само ширење на инфекцијата. Полицијата, обвинителството и судовите се повиканите институции со ингеренции, знаење и капацитет, но и законски обврски кон граѓанките и граѓаните – да ги заштитат од вулгарното и насилно дивеење на интернет и на улица.
Инспираторите и организаторите се познати, тоа се истите од времето на криминалниот режим на Фамилијата. Тие и не се кријат, туку говорот на омразата го сметаат за “патриотска” обврска. Затоа, на институциите не им е тешко да ги откријат, а доказната постапка за овој вид криминал не е комплицирана. Новата власт беше попустлива кон нив, а некои дури и ги унапреди и ги остави да продолжат со цицање на јавните пари и да тролаат за партијата што ги вработи.
Освен што е грдо и крајно непријатно, а малолетните корисници на интернетот ги задојува со омраза и вулгарност, говорот на омраза води кон реално насилство. Повикот на егзекуција на самохраната мајка во мала општина е закана за безбедноста и животот на една жена и нејзиното дете. Што треба да се случи?
Радикализацијата на интернет одамна се излеа на улиците. „Патриотите“ веќе одамна тепаат низ земјава и се извлекуваат неказнети или со минимални казни. Нивните акти на улица се директно поврзани со кампањите и говорот на омраза. Кампањата, пак, е дел од дејствувањето на политичките партии и нивните лидери што се служат со националистичка реторика и неретко со говор на омраза.
Линковите се очигледни. Кампањата на омразата и насилството служи за уцени и спас на криминалците и одбрана на странски, а не македонски интереси. Зошто не се санкционираат? Поради политичка коректност, негување на политичка култура и дијалог што не води никаде? Или се работи за неспособност? Или и двете?
Гнасните тролови и тепачите очигледно се чувствуваат заштитени, не само од пасивноста на институциите, туку и од политичката коректност на мнозинството што изгледа дека е сѐ потивко и разочарано. Кога некој ќе им се наврти со малку погруб речник, веднаш цивкаат повредени и навредени. Во отсуство на институционална реакција, сѐ може да се очекува, но токму тоа го посакуваат. Затоа, потребна е мудрост и такт, но и гласност, за да им се застане на патот на овие штетници што шират опасна инфекција во општеството.