Градскиот плоштад во Куманово и кејот ќе бидат осветлени со штедливи светилки, информираа надлежните од јавното претпријатие „Куманово-паркинг“, задолжено за осветлување во градот.
– Се подготвува проект кој предвидува главниот плоштад и помошниот пред Центарот за култура, како и градскиот кеј да бидат осветлени со штедливи светилки – истакна директорот на претпријатието, Фадиљ Шабани.
Проектот ќе покаже колку се штеди од користење на штедливи светилки во однос на традиционалните. Инаку, општина Куманово на годишно ниво одвојува 17,5 милиони денари за осветлување на градот, шест милиони за ново осветлување и четири милиони за реконструкција на постоечкото осветлување.
Средствата за финансирање на програмата за користење и одржување на јавното осветлување се обезбедуваат од буџетот на општината. Висината на средствата за финансирање се утврдени преку програмата за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комунална инфраструктура за 2018 година.