Македонските граѓани сѐ почесто ги „изненадуваат“ писма во кои се бара да платат казна за пречекорување на брзината при возење во странство. Кога се во прашање земјите од Европската унија од пред некоја година важат правилата казната за направен прекршок во некоја земја да се плаќаат според законите на таа земја.
– Ми стаса казна од 100 лева за брзо возење во Бугарија и тоа 10 месеци по сторениот прекршок. Кога отидов да ја платам во банка дознав дека не сум единствен и дека на многумина тоа им се случило во различни земји. Ја платив казната, платив и провизија за двете банки и сега внимавам повеќе кога возам во Бугарија – вели 57-годишен скопјанец.
Граѓаните со право стравуваат дека ако не ја платат казната нема да може да влезат повторно во земјата во која го направиле прекршокот.
– Ми стасаа три казни во вкупна висина од 300 евра за брзо возење во Холандија. Имав изнајмено возило од агенција, а за давање податоци на тамошните државни органи, агенцијата за изнајмување возила ми наплати по 50 евра од прекршок – сведочи друг скопјанец, кој вели дека едната казна се однесувала на прекршок за возење 82 км на час на место каде што било дозволено 80 км на час.
Пази, Мишко!
ЕУ усвои директива со која се востанови правило според кое казните направени во странство граѓаните ќе ги добиваат на домашна адреса.
Директивата 1 опфаќа осум дела: за возачите кои возеле пијани, возење под дејство на дрога, пречекорена брзина, минување на црвено светло, возење без појас, неносење кацига при управување со мотор, користење мобилен телефон за време на возење и возење по лентата за застанување.
Казните за пречекорување на брзината од 21 километар на час над дозволеното се различни во секоја земја, како што се различни и ограничувањата на брзините во град, на локален пат и на автопат. Тие, според апликацијата SpeedingEurope, за пречекорување во град се движат од 20 евра во Албанија до 944 евра во Норвешка. Надвор од градските средини и автопатиштата каде што и дозволената брзина е повисока, казните се движат од 20 евра во Албанија до 711 евра во Норвешка.
Друго е прашањето ако прекршокот што сте го сториле го открил сообраќаен полицаец. Тогаш казната се плаќа на самото место, а законот го чита и правилата ги поставува полицаецот како службено лице. Со едно запирање на полицијата може да добиете казна покрај пречекорување на брзината уште и за низа други прекршоци доколку ги воочи полицаецот.
Искуствата на македонските граѓани кои биле казнети или добиле казна за сообраќаен прекршок во странство се различни и се движат од пофалби за коректност до реакција за бруталност на полицајците.
Сите, меѓутоа се согласни, дека надвор од земјава се казнува секој сообраќаен прекршок и не треба да се заборави дека во секоја земја постојат индивидуални правила.
Возење без одмор
Професионалните возачи, пак, велат дека казните при едно запирање на сообраќаен полицаец се движат од 3.000 до 7.000 евра, зависно од земјата.
– Само за пример, ако возачот вози непрекинато девет ипол часа, а е дозволено девет часа, тогаш во земјите од ЕУ казната е најмалку 5.000 евра. Полицајците во некои земји, најчесто во поширокото опкружување, како сакаат ги толкуваат законите и тука не можеш да се спротивставиш иако сметаш дека тие не се во право. Ако сакаш да продолжиш да возиш треба да платиш – вели превозник на патници.
Тој наведува пример кога поради запирање за неколкучасовен одмор во Хрватска било откриено дека превезува азиски турист од Виена за Скопје и поради тоа морал да плати казна.
– Хрватска не дозволува превоз на патници од трети земји и ги казнува сите возачи кои прават подолги одмори. Не ги интересира дали ти кога правиш одмор можеш да платиш хотелска соба, да направиш други трошоци кои се во прилог на државата во која ги трошиш парите. Правилото е такво и тие го почитуваат – вели тој.
Годишно, една превозна фирма, додава тој, може да се соочи и со казни до 10.000 евра, а ако има среќа може да мине со помалку.
Според превозникот, олеснување за професионалните возачи е ако бидат снимени со камера додека го прават прекршокот бидејќи казната доаѓа неколку месеци подоцна на адреса на која е седиштето на компанијата.
– Ваква казна најчесто се добива за пречекорување на брзината, а казните зависно од државата се движат од 300 до 600 евра – додава тој.
Информирајте се и внимавајте!
Според тоа, ако сакате да возите во странство најдобро е прво да ги прочитате правилата за сообраќај во земјата во која што одите. Дел од законите и правилата во земјите се исти, но дел се различни и можно е често да се менуваат.
Сепак, во потрага по сите релевантни информации потребно е многу време и напор. Олеснување сепак е проектот SpeedingEurope, кој содржи голем број информации и податоци кои се важни за возачите.