ШОКАНТНО Со што заслужи нашиот ни драг премиер вака да биде казнет!?

Сега сме сигурни дека Заев е премиер кој знае да слуша. Кога разговарате со него, тој слуша (сведок сум). Кога има компјутер полн бомби, слуша со внимание. И кога мора да оди на опера, „нашиот ни драг премиер“ слуша. Култура е тоа, не е шега!

9067

Уште не можам да се соземам од шокот, откако го прочитав насловот на веста објавена во еден од нашите лумпен портали, кој се промовира во водечки апологет и заштитник на ликот и делото на другарот Заев, чиј уредник е на првата линија на фронтот на одбрана на Владата во „тоталната војна“ што Геро (тоа сум јас) ја води против неа, засега со променлив успех.

Веста се однесува на присуството на премиерот Заев на отворањето на Мајски оперски вечери, а насловот е митски, јебитачен, просто неверојатен. Цитирам: „Стигна и првата казна за Заев од тоа да се биде премиер: Мораше да оди на опера“. Хахахахахах!

Во веста има видео и една реченица текст, која е јебитачна по себе. Цитирам: „Да се надеваме дека ова (на Заев – м.з.) му е полесно од тепањето на 27-ми април, ама можно е тука да се некаде по теророт и ужасот кој го доживеал нашиот ни драг премиер“.

Боже, боже, боже… Убаво кажа оној командантот советник: какви сѐ луѓе има во Владата – и околу неа, додавам јас – па што ми фали мене? Ништо, друже Хоџа, извини те молам, за овие будали ти си академик!

Конечно дочекавме Зоран Заев да се најде на вистинско место и во вистинското време и ете, веднаш човекот на мета на критиката, но не од Милчин, Геро, Орданоски и од останатите архинепријатели, туку од водечката тупаница на лумпен пропагандата, од луѓе за кои чочек во тунел е врв на музичко-сценската уметност и за кои да се биде на опера навистина е казна што мора да се издржи, нешто како триесетдневен притвор во Шутка, на пример.

Додуша, не е по мојот вкус премиерот да држи говор пред опера, а уште помалку тој да биде главна ѕвезда на настанот, кого дамите од првиот ред го гледаат со очи полни (невозвратена) љубов и воодушевување. Но, оперирани сме од скромност, де. А и кога човек е казнат вака да се злопати, да се подложи на таков ужас и терор и да мора да слуша некој да вреска и да се дере наместо да пее ко човек, ко Аца Лукас, рецимо, има право и на некакво попатно задоволство – како последната цигара за осуденикот на смрт, на пример.

Како и да е, сега сме сигурни дека Заев е премиер кој знае да слуша. Кога разговарате со него, тој слуша (сведок сум). Кога има компјутер полн бомби, слуша со внимание. И кога мора да оди на опера, „нашиот ни драг премиер“ слуша. Култура е тоа, не е шега!

ПС. Последна вест. Неофицијално дознавам дека е можно Заев да бил уценет да присуствува на „Боеми“. Мојот извор вели дека своевремено, тренерот на ФК „Вардар“ Дојчиновски, пред пресудниот натпревар со „Трепча“, во мотивацискиот говор им се заканил на своите фудбалери: „Ако не победите, ќе ве носам на Мајски оперски вечери три саата да слушате опера!“ И победил „Вардар“…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...