Со предлог-одлуката за отстапување на чување, одржување, заштита и користење на фонтани, која ќе се најде пред Советот на Град Скопје на утрешната седница, градските власти предлагаат Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ да ја презеде обврската за чување, одржување, заштита и користењето на поголем број фонтани лоцирани во централното градско подрачје.
Со предлог-одлуката Градот Скопје оваа обврска ја префрла на ЈП „Водовод и канализација“, а со истата се опфатени следниве фонтани:
- Фонтана Воин на коњ
- Подна фонтана на плоштад Македонија (Матрикс)
- Фонтани на плоштад Филип II (Карпошово востание)
- Фонтана на мост ОКО
- Фонтани на плоштад Богородица
- Фонтана во парк Жена борец
- Фонтана на плоштад ВМРО
Одржувањето на фонтаните од 2013 година го вршеше Градот Скопје, за чија цел се склучени неколку договори со ДГ Бетон, за што од градскиот буџет се одвојуваа од 25 до 30 милиони денари годишно. Средствата што досега беа користени за оваа намена, во иднина ќе бидат пренаменети за реализација на капитални проекти.
„Со новата одлука Град Скопје ги отстапува фонтаните на чување, одржување, заштита и користење на ЈП Водовод и канализација – Скопје, чија основна дејност е собирање, пречистување и дистрибуција на вода за пиење, како и одведување на урбани отпадни води, обезбедување на здравствено исправна вода за пиење неопходна за животот на граѓаните и воопшто за функционирање и развој на Град Скопје. Како такво претпријатието е најстручно и најспособно за извршување на горенаведеното одржување“, соопштија од Град Скопје.
Градот исто така, се обврзува да ги подмирува сметките за потрошената електрична енергија на фонтаните, но нема да одвојува дополнителни средства за нивно одржување.