Градските власти наредните денови почнуваат со реконструкција на булеварот „Партизански одреди“, од мостот „Обединети нации“ до Ѓорче Петров. Почнуваме со доизградба на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ и изградба на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“. Продолжуваме со реконструкција на улиците „Брадфордска“ и „Лондонска“ во Карпош, „Ацо Шопов“ и „Антон Попов“ во Кисела Вода.
Ова денеска го изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов на улицата „Ацо Шопов“, каде се реконструира коловозот.
Шилегов информира дека се гребе стариот асфалт, се поставува порамнувачки асфалт и завршен слој ќе се постави на потегот од крстосницата со улицата „Марк Твен“ до кружниот тек со „Партизанска“, во вкупна должина од 1.100 метри и површина од 8.213 метри квадартни.
– Реконструкцијата на оваа улица предвидено е да заврши до ноември годинава, а за неа Град Скопје ќе потроши 5,9 милиони денари со вклучен ДДВ. Оваа улица речиси секојдневно ја користат жителите од Влае и околните населби, жителите од општина Ѓорче Петров и останатите граѓани на Скопје – рече Шилегов.
Поради градежните активности на оваа улица ќе има привремен сообраќаен режим од крстосницата со „Партизански одреди“ до крстсницата со „Марк Твен“. Шилегов ги замоли граѓаните за разбирање и апелираше до учесниците во сообраќајот да се придржуваат на привремениот режим, да ја почитуваат поставената сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.