Голема акција за чистење во сите општини најавува градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Петре Шилегов. Акцијата ќе се спроведе во сабота, а Шилегов ги повика граѓаните доброволно да се вклучат во неа.
– Ги повикувам општините да организираат конкретни акции заедно со локалните заедници, да ги информираат граѓаните за акциите и да овозможат учество на сите заинтересирани. Граѓаните се јасни и сериозни во своите барања, а ние одговорно го слушаме и го разбираме крикот за чиста животна средина. Придонесот на секој граѓанин ни е важен. Затоа ги повикуваме и граѓаните, доброволно да се вклучат во оваа акција во својата општина – рече тој.
Шилегов додаде дека основен мотив за успех на оваа акција е чистата животна средина, секое средено катче од општините и здравјето на граѓаните.
– Ајде заедно да го разубавиме нашиот роден крај, местото каде што живееме, работиме, учиме, каде што поминуваме најголем дел од нашиот живот. Заедно да се избориме за чиста и здрава животна средина како влог во иднината на нашите деца. Верувам во нашиот потенцијал како локална самоуправа и верувам дека ќе успееме во нашите намери да обезбедиме услови за здрав живот на сите – нагласи Шилегов.
Тој додаде оти е убеден дека прашањето за подобрување на квалитетот на животната средина ќе биде минато бидејќи чистата и здрава животна средина ќе бидат наше секојдневие.