Шилегов: Многу чешки компании сакаат да инвестираат во Скопје

345

Заштитата на животната средина за Република Северна Македонија, а особено за Град Скопје, претставува едно огромно поле на кое постојат многу отворени можности за соработка, рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во обраќањето на бизнис-форумот меѓу Република Северна Македонија и Чешката Република кој се оддржува во Скопје.

– Ме радува фактот што голем број чешки компании покажуваат интерес да инвестираат во Скопје. Тоа е добра појдовна точка и можност за градење нови стратешки партнерства во делот на решенијата за транспортот и транспортната инфраструктура, управувањето со отпадот, управувањето со водните ресурси, еколошките заштитни технологии и слично.  Како градоначалник, со градската администрација стоиме на располагање на сите заинтересирани компании да ги обезбедиме сите потребни услови за поблиско и подетално запознавање со можностите за соработка во сферите од заеднички интерес и за чешките компании и за граѓаните за кои работиме – рече денеска Шилегов.

Тој додаде дека во работниот дел на овој форум ќе се отворат многу нови можности за сите и нагласи дека потенцијалот за идна соработка е толку голем што не остава простор за ништо друго освен за успех. Шилегов се заблагодари на амбасадата на Чешката Република и на амбасадорот Мирослав Томан за можноста да учествува на овој форум, како и на Сојузот на стопански комори на Македонија и Конфедерацијата на индустрија на Чешка.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...