Топловодната мрежа, гасоводот и новиот систем на јавен транспорт се три фундаментални проекти кои, за жал, главниот град во изминатите три децении ги пропуштил и сега живееме во последиците од таквото пропуштање, изјави градоначалникот Петре Шилегов.
– Град Скопје ја доби топловодната мрежа и за мене тоа е една од фундаментални мерки, го заокруживме гасоводниот прстен околу градот Скопје, стратегијата за секундарната и терцијарната гасификација се утврдува на државно ниво, но градот инфраструктурно е спремен да влезе во тие циклуси. Во финални преговори сме со Владата и за финансирање на новиот систем на јавен транспорт во нашиот град – рече Шилегов.
Покрај овие, според него, фундаментални мерки, како четврти важен аспект, рече, треба да се додадат подобрените перформанси на градската инспекција.
– Градот е поставен во добра стартна позиција. На 19-ти имаме седница на Советот за градски енергетски системи, со што ќе отвориме формална можност да се јавиме ако апликанти пред Регулаторната комисија за да добиеме лиценца за дистрибуција, а по Нова година за снабдување. Така што, очекувам дека некаде кон крајот на оваа или почетокот на идната година, целосната контрола врз топловодната мрежа ќе ја преземе Град Скопје. Тоа го става градот во позиција да може да креира социјални програми што ќе може да им ги понудиме на граѓаните, за централното затоплување да биде еден од најеколошките и најевтините начини на затоплување на домовите – рече Шилегов.