Градоначалникот Петре Шилегов и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, престојуваа во еднодневна официјална посета на градот Подгорица, Црна Гора, по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на Подгорица, соопшти Градот.
– Во Подгорица Шилегов и Јанчева положија цвеќиња на Споменикот на партизанот борец на ридот Горица, присуствуваа на свечената седница на Советот на Град Подгорица, како и на откривањето на споменикот на Јосип Броз – Тито во паркот на брегот на Морача.
Градот Скопје и Градот Подгорица се збратимени од 2008 година и оваа година одбележуваат 10 години од збратимувањето. Двата града негуваат плодна соработка во повеќе области, особено во областа на културата, уредувањето на просторот, прашањата од комуналната сфера, туризмот и заштитата на животната средина.
Делегација од градот Подгорица предводена од градоначалникот Иван Вуковиќ во ноември годинава присуствуваше на одбележувањето на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.