Шилегов за кандидатурата: Скопје е на добар пат да ги надмине проблемите во кои живее

278

Град Скопје апликацијaта за најзелена престолнина на Европа ја поднесе на почетокот на октомври годинава и врз основа на таа апликација ЕК изврши скрининг на позициите што ги имаше Скопје и се квалификувавме во втората фаза од овој процес, изјави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

– Кандидатурата не е од вчера, туку е од поодамна. Таа е прифатена и е во втора фаза – рече Шилегов на новинарско прашање појаснувајќи ја кандидатурата за најзелена престолнина во Европа, иако Скопје е меѓу 10-те најзагадени градови.

Тој посочи дека параметрите кои се мерат за најзелени градови се во 12 различни области, а се гледа исто така и што е сторено од страна на градските власти во неговиот мандат, односно во изминатата една година во делот на функционирањето на градот, енергетската стратегија, алтернативниот начин на превоз и слично.

Шилегов рече дека Европската комисија направила скрининг во повеќе делови од градот и дека активностите што се преземени, очигледно, вели, во ЕУ наидуваат на позитивно мислење со што ни беше овозможено да влеземе меѓу осумте градови во Европа во кои треба да продолжат понатаму со процедурата.

Тој најави дека периодот што доаѓа ќе биде период на засилен надзор, а следната евалуација се очекува во април 2019 и да биде повторно позитивна.

– Самиот факт дека успеавме да ја поминеме првата фаза како град зборува за тоа дека Скопје е на добар пат да ги надмине проблемите во кои живееме – изјави Шилегов.

Тој денеска најави дека есенва ќе бидат засадени 3.500 висококвалитетни листопадни садници на повеќе локации во сите скопски општини.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...