Екипите на зимската служба на Град Скопје во текот на изминатава вечер ги поминале сите булевари и улици што се во надлежност на Градот Скопје, а дополнително фрлиле сол и на критичните точки, информираа градските власти.
Градоначалникот Шилегов вчеравечер го посети Центарот за управување и контрола на сообраќајот каде што ја следеа работата на Зимската служба и состојбата на терен.
– Фрлени се 355 тони сол, а утрово сите булевари и улици кои се во надлежност на Градот Скопје се исчистени и истите се проодни. Вчеравечер и утринава, покрај коловозите, екипите на јавните претпријатија со механизација и рачно го чистеа снегот од тротоарите. Во работата на чистењето на тротоарите ангажирани се 80 работници од јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“. Паралелно со нив, екипи на „Водовод и канализација“ работат на терен на чистење на сливниците – велат од Град Скопје.
Исто така, апелираат до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.
Градските власти потсетуваат дека во нивна надлежност се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.
Затоа JП „Комунална хигиена“ апелира и до општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во надлежност на општините и апелира за поголема ажурност во оваа област, со цел непрекинато собирање на комуналниот смет.
Инаку, за оваа зимска сезона Град Скопје обезбеди 4.000 тони сол, што заедно со преостанатите количества од минатата сезона изнесува 4. 500 тони сол, како и 300 тони ладен асфалт.