Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ги отфрли сите обвинувања од градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, кој рече дека имал предлог од Шилегов да биде урната само една од дивите платформи, а останатите две да продолжат да се градат.
– Јас побарав да се сруши платформата која што сите знаеме дека се гради годинава, а за која градоначалникот Беџети тврдеше дека постоела неколку години наназад и дека на истата се врши реконструкција. Целата реакција на јавноста и на скопјани беше за изградбата на таа платформа, која е нова и која деновиве се има збогатено и со маси и ресторани и јас во момент го повикав градоначалникот на општина Сарај во оваа канцеларија и од него побарав предметната платформа да биде предмет на рушење. Тој изјави дека и останатите две се дивоградби, но градот за жал нема ингеренции врз дивоградбите, и каков е статусот на другите платформи на Матка ни е непознат. Меѓутоа, тогаш како градоначалник изреагирав на ова што всушност сите како граѓани на Скопје и целата јавност реагираа, а тоа е градење на нова платформа и денеска стојам на мислењето дека тоа е нова платформа и дека таа не смееше воопшто да се дозволи да биде предмет на градба. Како нешто што почнало да се гради годинава, започнало да се легализира пред една и пол година е прашање кое ќе треба да го одговори господинот градоначалник на Општина Сарај – кажа градоначалникот Шилегов.
Во однос на наводите за политичкиот притисок, градоначалникот Шилегов го изјави следното:
– Ако тоа е личен впечаток на градоначалникот ќе треба него да го прашате. За мене не е политички притисок од СДСМ или од градоначалникот на Скопје да побара владеење на правото и недозволување на дивеење во Кањонот Матка. Тоа што се случуваше на почетокот на оваа година не е ништо друго освен урбано дивеење кое што, за жал, го дозволи администрацијата на Општина Сарај и нивниот градоначалник.