Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска изјави дека Град Скопје за жал нема ингеренции во дислоцирање на дивоградбите и оти согласно легислативата таа надлежност е на општина Центар.
– Очекувам дека соодветните органи во соодветни постапки ќе ги донесат решенијата и согласно нив понатаму ќе биде статусот на тие дивоградби, рече Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање на глобалното одбележување на 5 Јуни – Светскиот ден на животната средина во Градскиот парк во Скопје.
Според него, проектот „Скопје 2014“ и неговата нелегалност е видлива и додаде оти за тоа зборувале и кога биле опозиција.
– Град Скопје под свои ингеренции има исклучиво пет споменици, од кои веќе еден отстранивме, а за останатите во тек е постапката. Ги имаме и оние чудовишта од галии во коритото на реката Вардар за кои веќе водиме постапка, а јас морам да водам сметка и за буџетските средства и да ја намалам штетата која ќе може да се предизвика на буџетот на Град Скопје – рече Шилегов.
Тој соопшти дека еден по еден ги решаваат проблемите кои, како што рече, наталожени се премногу, но нема да отстапиме од доследноста.
– Очигледно е дека постапките и процедурите се прекршени. Постојат можности, стручната јавност се изјасни, или да се срушат или да се легализираат. Одлуката веројатно ќе треба да ја донесат надлежните институции и Град Скопје се става на располагање со целиот свој потенцијал да партиципира во носење на таа одлука – рече Шилегов.