Сѐ што сега би кажала за тоа што ќе содржат амандаманите би било шпекулација заради тоа што сѐ уште сме во процес на изработка на уставните амандмани. Затоа велам дека има различни размислувања, различни предлози, меѓутоа ако излезевме веднаш со предлог ќе беше многу тешко да се обезбеди двотретинско мнозинство без претходни консулатации и затоа ги водиме овие консултации многу пошироко.
Ова е одговорот на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска на новинарско прашање за изјавата на вицепремиерот Бујар Османи за вметнување на Рамковниот договор во преамбулата на Уставот.
– Амандманите ги работиме не само заедно со различните пратенички групи, туку и заедно со неколкумина експерти кои ја познаваат уставната материја. Сѐ во меѓувреме ќе биде само шпекулација. Премиерот ги водеше овие разговори со пратеничките групи. Ние ќе имаме дебата внатре во Владата на РМ, нашиот фокус за уставните измени се однесува на прашањата што произлегуваат од Договорот во Преспа. Има дискусии кои се присутни овие денови, но што и да ви кажам денеска ќе биде шпекулација – изјави министерката Шеќеринска која денеска присуствуваше на промоцијата новите 125 професионални војници во АРМ во скопската касарна „Илинден“.
Потсети дека премиерот Зоран Заев вчера разговараше со новата пратеничка група, за, како што потенцира, да најдеме заеднички јазик што ќе овозможи и во второ и во трето гласање да се обезбеди двотретинско мнозинство.
– Очекуваме до крајот на неделата дебатата во Влада да заврши и до Собранието да ги испратиме предлозите за уставните измените – рече вицепремиерката и министер за одбрана Шеќеринска.
Таа се осврна и на тоа дека уште во текот на кампањата за референдумот, кога сите мислеа дека амнадманите се напишани, како што рече, се шпекулираше кој ги пишува и во чија фиока се скриени. Покажавме, истакна Шеќеринска, дека тоа биле една од многуте лаги.
На прашањето за тоа дека дека грчки медиуми веќе имаат објавено оти има неформален договор меѓу Скопје и Атина Договорот од Преспа да се ратификува во март, Шеќеринска информира дека морале да функционираат со различни календари.
– Една опција беше доколку беше успешно гласањето во Собранието на РМ и тогаш процесот во Македонија можеше да заврши побрзо. Но, моравме да имаме и план како тоа ќе се одрази на датумите доколку одиме прво на предвремени избори, па дури потоа влеземе во процедура на уставни промени. Во тој случај март ќе беше месецот кога ние ќе можевме да го исполниме нашиот дел од обврските. Меѓутоа, сега немаме дилеми дека овој процес може побрзо да се заврши и со тоа да дадеме шанса и од грчка страна процесот на двете ратификации на договорот, но и нашиот договор за членство во НАТО да бидат дури и порано од март. Но, сѐ ќе зависи од тоа како тече процесот прво во Македонија, па дури потоа во Грција – рече Шекеринска.
Во однос на Предлог-зкаонот за амнестија од ВМРО – ДПМНЕ и изјавата на вицепремиерто Османи дека не се согласува со амнестија, но би ја протнал за одредени луѓе во собраниското тело за помирување, Шеќеринска децидна дека на Македонија и треба помирување, но на Макеоднија и е неопходна и правна држава.
– Сето она што нема да ја загрози правната држава, за нас е добар чекор за помирување и за намалување на поделбите во општеството. Ние покажавме дека тоа го правиме. Начинот на кој се водеше дискусијата во Собранието, начинот на кој се однесуваме со Собранието и со опозицијата покажува дека сакаме да воведеме нови правила и нови стандарди. Меѓутоа граѓаните очекуваат правната држава да функционира. Ние нема да направиме ништо со што ќе ја загрозиме таа правна држава. За сите теми ќе дискутираме, на сите прашања ќе дадеме одговор, меѓутоа Владата не е тука ниту да се меша во судството, ниту да се меша во обвинителството – изјави вицепремиерката министер за одбрана Радмила Шеќеринска.