Пред почетокот на седницата на која српскиот претседател Александар Вучиќ зборува за Косово, пред Парламентот се случи инцидент кога возило со претседателот на Српската радикална странка (СРС), Воислав Шешељ, ги „истурка“ пратениците на Двери кои дојдоа пред Парламентот да го „дочекаат“ претседателот Вучиќ.
Како што јави дописникот на МИА, автомобилот на Шешељ „ги истурка“ пратениците на Двери и нивниот транспарент на кој пишуваше „Денес предавство – утре робија“, а откако автомобилот запре, Шешељ излезе и почна да го навредува лидерот на Двери Бошко Обрадовиќ и од својот возач побара да ги прегази со автомобилот.
Лицето кое беше со Шешељ ги туркаше пратениците на Двери, а неговиот возач со безбол палка го удри членот на претседателството на Двери Југослав Кипријановиќ. Малку недостасуваше да дојде до инцидент и со луѓето од обезбедувањето на собранието кои се обидоа да ја смират ситуацијата.
Набрзо пред собранието излегоа и пратениците на СРС кои ги повикаа пратениците на Двери на пресметка, а исто така тука се појави и претседателот на Здружението на семејствата на киднапирани и убиени во Косово, Симо Спасиќ, кој исто така ги навредуваше опозициските пратеници кои го чекаа Вучиќ.
Откако Вучиќ пристигна во парламентот, пратениците на Двери му извикуваа „предавство, предавство“, додека пратениците на Српската напредна партија (СНС) направија жив ѕид помеѓу него и опозицијата.
Пратениците од опозициските партии од коалицијата Заедно за Србија (ЗсЗ) и партиите кои го потпишаа Договорот со народот на протестите „1 од 5 милини“, пред седницата на Собранието најавија дека ќе се придржат до решението за бојкот на парламентот.
Како што е најавено, попладнево на седницата на српското собрание претседателот Александар Вучиќ ќе говори речиси три сата на темата за Косово.