Со разрешувањето на сега веќе поранешната министерка Рашела Мизрахи заштитен е Уставот, правната држава, интересите на граѓаните, на стечајците, заштитена е интеграцијата во НАТО и европската перспектива на земјата, рече денеска на прес-конференција пратеничката од СДСМ, Јагода Шахпаска.
Додаде дека Македонија е 30-та земја членка на НАТО и на чекор до преговори со ЕУ и оти никој не смее да го крши Уставот и да се обидува да ја врати земјата назад во изолација, да ја оддалечи од НАТО и ЕУ заради туѓи или партиски интереси.
– Владеењето на правото и правната држава подразбира одговорност и одговорност мора да има. Сите членови на Владата мора да ги почитуваат Уставот и законите и мора да работат во интерес на граѓаните и државата. Заштитени се и интересите на стечајните работници, истите оние за кои таа даде негативно мислење и заедно со Владимир Ѓорчев не дозволуваше да се прошири опфатот на стечајци кои добиваат месечен надомест – рече таа.
Да не ни помислува извршителот Мицкоски, како што истакна Шехпаска, да злоупотребува пол, национална, етничка припадност, висина, како што тоа го направија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, осомничените Милошоски и Димовски.
– Тие навреди и лаги полни со насочена омраза на национална, етничка, физичка и родова основа кои ги искажа ВМРО-ДПМНЕ во Собраниската сала и преку медиумите под нивна контрола покажува колку се во паника извршителите на Груевски.Пред Уставот и законот сите се исти – истакна таа.