Собранието и политичките лидери сега треба да донесат одлука во врска со натамошните перспективи на земјата. Кога такви прашања доаѓаат во Собранието, пратениците имаат одговорност да ги стават интересите на земјата пред се друго.
Ова го порача шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која во интервју за МИА, нагласувајќи дека успехот на земјата во постигнувањето Договор со Грција во врска со долготрајниот спор е многу позитивен пример за целиот регион.
Амбасадорот кој на чело на Мисијата на ОБСЕ во Скопје дојде на 17 септември, непоспредно пред референдумот, во интервјуто изразува задоволство што во земјава пристигнал токму пред плебисцитарното изјаснување на граѓаните и изразува задоволство од оценката на ОДИХР за референдумот.
Во врска со можноста за усвојување на уставните измени или одење на предвремени избори, како и евентуалните пазарења за амнестија на Груевски и други раководни лица на ВМРО-ДПМНЕ, Која е дециден дека прашањето за одговорноста е всушност прашање за владеење на правото.
Тој нагласува дека се покренати сериозни обвинувања, обвиненијата се потврдени од судовите и судењата се во тек. Додава дека обвинетите имаат право на фер судење и секако мора да се сметаат за невини пред докажувањето на вината. Изрази верување дека епилогот на аферата со прислушувањето треба да се напише преку правниот процес.
Која, кој има 29-годишно професионално искуство во службата за надворешни работи на Австрија, бил амбасадор во Белград и Љубљана, како и Мадрид, Варшава, Рим и Ватикан.
Пред да биде назначен за шеф на Мисијата во Скопје, Која бил постојан претставник на Австрија во ОБСЕ во Виена.
На чело на Мисијата на ОБСЕ во Скопје доаѓате во исклучително важен момент за Македонија, се отвора можноста за влез на земјата во ЕУ и НАТО, условот е имплементација на Договорот со Грција за името. Кои се приоритетите на вашиот мандат во Македонија како шеф на Мисијата на ОБСЕ, на што ќе ставите фокус?
Ви благодарам за можноста, ова интервју ми овозможува да и се претставам на вашата публика. Со задоволство го преземам довереното водство на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Поминав неколку години во регионот во Србија и Словенија, а исто така служев и како постојан претставник на Австрија во ОБСЕ, во Виена. Благодарам за топлото добредојде кое го добив од многу соговорници на Мисијата со кои имав можност да се сретнам. Се надевам дека ќе продолжиме со отворениот дијалог и со поддршка за напорите на вашата земја за подобро исполнување на заложбите на ОБСЕ.
Што се однесува до работата на Мисијата, ќе се фокусираме на четири приоритети: поддршка за имплементацијата на Охридскиот рамковен договор и унапредување на конструктивни меѓуетнички односи, поддршка за напредокот во имплементирањето на владината амбициозна реформска агенда во областите на мандатот на Мисијата, помош во адресирањето на транснационалните закани, вклучително и организиран криминал, сајбер криминал, трговија со луѓе и насилен екстремизам и радикализација кои водат до тероризам; и рано предупредување за безбедносни настани.
На функцијата стапивте на 17 септември, неспоредно пред референдум за Договорот со Грција. Ваша оценка за референдумот, кој се одржа на 30 септември, дали Договорот доби поддршка и покрај тоа што не е остварен цензусот?
Мило ми е што пристигнав тука навреме за референдумот, со оглед на тоа колку е важен момент за земјата. Самата Мисија која ја водам не го набљудуваше референдумот, туку тоа е оставено на нашите колеги од ОДИХР. Сепак, задоволен бев со оценката на ОДИХР дека референдумот „беше спроведен непристрасно и дека фундаменталните слободи беа почитувани во текот на целата кампања.“ Во Мисијата во Скопје и помогнавме на Државната изборна комисија да обучи избирачки персонал и на МВР да обучи полициски службеници за нивните должности за денот на референдумот, исто како и порано.
Ваша оценка како мина референдумот, процесот на гласањето, го чувме официјалниот став на ОБСЕ/ОДИХР, но опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривични пријави до над 200 лица од избирачки одобри, претежно од општини каде населението е мнозинско албанско поради злоупотреби во текот на референдумот?
Во рамките на институционалната рамка на ОБСЕ, Канцеларијата за демократски институции и човекови права се експертите за набљудување на избори и референдуми. Нивната набљудувачка мисија оперираше одделно од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Согласно тоа, морам да се потпрам на нивната експертиза и оценка, вклучително и нивната прелиминарна изјава од 1 октомври, на која се повикав претходно. ОДИХР исто така го набљудуваше процесот на поплаки и жалби и со нетрпение очекувам да ги прочитам нивните заклучоци и препораки за целиот процес во нивниот детален финален извештај. Да почекаме на нивната експертска оценка.
Македонија е пред нова крстосница, поддршка за уставните измени, кои произлегуваат од Договорот од Преспа или пресметување на силите на предвремени парламентарни избори. Господине Која што сметате дека е најдобро за земјава во моментов?
Сега е на Собранието и политичките лидери на земјата да одлучат. Никој не може да одлучи наместо нив и не можам да ги посоветувам која одлука да ја донесат. Само би кажал дека кога такви прашања доаѓаат во Собранието, пратениците имаат одговорност да ги стават интересите на земјата пред сѐ друго. Доколку се продолжи со уставните амандмани, тогаш ќе ја следам дебатата одблиску и ќе очекувам процесот да се одвива согласно воспоставените процедури со можност да се слушнат сите гледишта. Од друга страна, доколку Собранието изгласа да се самораспушти и да распише предвремени избори, очекувам дека ОДИХР ќе дојде и ќе ја набљудува кампањата и гласањето.
Лидерот на опозицијата со нови барања до Владата, предвремени избори со формирање пржинска влада и јавен обвинител на предлог на опозиција или отфрлање на Договорот и избори, по кои ќе се избере јавен обвинител со консензус на сите партии, нешто налик ново СЈО, дали неговите барања се реални. СДСМ го обвинува дека бара амнестија на поранешниот лидер на партијата Никола Груевски? Сметате ли дека земјава треба да се соочи повторно со избори?
ОБСЕ континуирано ја поддржува одговорноста, вклучително и за сите наводни злоупотреби слушнати во прислушуваните разговори. Нашата Мисија ги следи случаите на СЈО уште од самиот почеток и продолжуваме да ги следиме тековните судења. Неодамна публикувавме преоден извештај со нашите наоди, прибележувајќи ги предизвиците и успесите на СЈО како и неколку препораки кои може да придонесат за унапредување на правниот систем. Сметам дека прашањето за одговорноста е всушност прашање за владеење на правото. Покренати се сериозни обвинувања, обвиненијата се потврдени од судовите и судењата се во тек. Обвинетите имаат право на фер судење и секако мора да се сметаат за невини пред докажувањето на вината. Верувам дека епилогот на аферата со прислушувањето треба да се напише преку правниот процес.
Господине Која дали во Македонија конечно проработе правосудниот систем, дали има владеење на правото?
Националниот правосуден систем се соочуваше со многу предизвици во изминативе неколку години. Цврсто веруваме дека независен, непристрасен, ефикасен и транспарентен правосуден систем е основата за земја заснована на владеењето на правото. Знам дека се прават напори за зајакнување на капацитетите на правосудството. Усвојување и спроведување на реформската легислатива е неопходно, но и судството мора да се инвестира во реформските процеси. Само тогаш ќе бидеме сигурни дека ќе преовлада спроведувањето на правдата. Ја нудиме нашата безрезервна поддршка во ова значајно време за земјата и се надеваме на работа со владата и судството за поддршка на изготвувањето и спроведувањето на реформските закони и обезбедување обука за градење на капацитетите.
Доаѓате од Австрија, вашиот премиер Себастијан Курц даде целосна поддршка на Договорот и отворањето на вратите на НАТО и ЕУ за Македонија. Сте биле амбасадор во Белград и Љубљана ги знаете приликите и неприликите на регионот. Австрија е членка на ЕУ, но не и на НАТО. Какви придобовки добива Македонија со интеграцијата во овие два сојуза?
Горд сум на моето служење како австриски амбасадор во Белград и Љубљана, но овде во Скопје имате австриска амбасада која може подобро да ви одговори на првиот дел од прашањето. Согласно мојата улога во ОБСЕ, се разбира дека сум запознаен со стратешките приоритети на вашата земја. Нашата Мисија сака да дава што е можно поголема поддршка на реформските планови на вашата влада во областите од нашиот мандат, вклучувајќи го и владеењето на правото, општествената кохезија и почитувањето на човековите права. Можеби вашите читатели се сеќаваат, претседавачот на ОБСЕ и генералниот секретар јавно дадоа поддршка при најавата на Преспанскиот договор, а генералниот секретар Гремингер рече дека тоа може да води до долготрајно решение за доброто на сите граѓани и целиот регион.
Една од мисиите на ОБСЕ во Македонија е граничното управување. Мисијата е постојано присутна во пограничните на поранешните кризни области, се наведува на сајтот на Мисијата во Скопје. Прашањето е во контекст на се позачестенитеи идеи за можна размена на граници меѓу Србија и Косово како една од солуциите на нивниот спор. Дали Македонија е загрозена од ваквата можност?
Секако дека сме запознаени со изјавите на лидерите во Белград и Приштина, но не е мое да шпекулирам во врска со ова прашање. Сметам дека успехот на земјата во постигнувањето Договор со Грција во врска со долготрајниот спор е многу позитивен пример за целиот регион.
Американскиот аналитичар Јануш Бугајски неодамна со оценка дека Скопје е ново руско упориште на Балканот и дека Кремљ смета на тоа дека Македонија може да стане нова Република Српска. Ваш коментар на неговата изјава и дали сметаме дека земјата во моментов е во средиштето на борбата за влијание во регионот меѓу Западот и Русија?
Во 2017 г., за време на австриското претседателство со ОБСЕ јас служев во Виена како претседавач на Постојаниот совет на ОБСЕ. Од таа позиција ги посведочив растечките тензии меѓу некои од земјите членки. Но, верувам дека сами си ја контролирате иднината и не сте заложници во ривалствата на другите. Се надевам дека вашата земја ќе постигне напредок кон сопствените цели на изградба на просперитетна, толерантна и мултиетничка демократија.