Улогата на науката е многу важна за развојот на општеството и за секојдневниот живот на луѓето. Со одбележувањето на 10. ноември, Светски ден на науката за мир и развој, сакаме да го потенцираме и придонесот на науката на сите полиња без кои не би можело да се замисли едно современо општество.
Ова денеска го истакна ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, на одбележувањето кое се одржа во Ректоратот на УКИМ. Посочи дека дека една од нивните заложби е да го свртат вниманието кај сите фактори во државата кои одлучуваат за одвојување финансиски средства за науката.
– За науката се одвојуваат премалки средства, односно 0,1 отсто од БДП. Тоа е премалку во регионални и светски размери кога знаеме дека и околните земји одвојуваат од 0,4 до 0,8 отсто од БДП. Се залагаме да се одвои поголем процент за науката – додаде Јанкуловски.
Во рамки на одбележувањето, на шестмина научници на УКИМ кои покажале врвни резултати во научно-истражувачката дејност, им беа доделени награди за 2017 година, а тие се д-р Даница Крстовска од Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет, д-р Владимир Трајковиќ од Институтот за информациски системи и мрежни технологии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, д-р Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија на Филозофскиот факултет, д-р Иван Блинков од Катедрата за земјиште и вода на Шумарскиот факултет, д-р Весна Боцевска од Катедрата за математика и статистика на Економскиот факултет и на д-р Томислав Станковски од Катедрата за медицинска физика на Медицинскиот факултет.
Проф.д-р Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет, кој предава медицински предмети, рече дека наградата за него претставува чест и задоволство и ќе претставува поттик за понатаму.
– Сепак, напорниот труд во последните 20 години вроди со плод. Во Македонија да се занимава човек со наука е повеќе од сизифова работа, бидејќи државата одвојува многу помалку средства за науката, а сепак се бараат големи и врвни дострели. Во изминатата година успеав да објавам неколку трудови и имав неколку предавања на врвни конференции во светот – додаде Трајковски.
Во рамки на одбележувањето на Денот на науката во Ректоратот се одржа трибина на тема „За образованието и науката во Република Македонија“.