Шестмина добиле бубрег од кадавери, годишно има по 250 нови болни на дијализа

Лекови има доволно, но треба да се подобрат условите за престој на овие пациенти - на Клиниката за урологија на пет легла има еден тоалет, а таму се хоспитализирани најтешките болни! Кога би се подобриле инфраструктурните услови, доколку постои центар кој би ги примил сите пациенти, секако дека би можеле и повеќе трансплантации да вршиме - рече д-р Спасовски. 

238

До јули годинава на 11 пациенти им се трансплантирани бубрези, а шестмина добиле бубрег од тројца кадавери (лица во мозочна смрт). Годишно по околу 250 нови бубрежно болни завршуваат на дијализа, а вкупно во земјата има 1500 пациенти на  дијализа – изјави денеска проф. д-р Гоце Спасовски, нефролог и претседател на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи.

На листата на чекање за пресадување бубрег од кадавер се околу 100 пациенти.

– За да се зголеми бројот на операции кај овие болни секако треба да се зголеми свеста за донирање органи кај населението, па би можеле да правиме и поголем број трансплантации на бубрези. Една година направивме 41 трансплантација на бубрези, инакун просечно се вршат од 20 до 30 интервенции. Но со зголемување на бројот на операции се зголемува и можноста за компликации кај пациентите. Лекови има доволно, но треба да се подобрат условите за престој на овие пациенти – на Клиниката за урологија на пет легла има еден тоалет, а таму се хоспитализирани најтешките болни! Кога би се подобриле инфраструктурните услови, доколку постои центар кој би ги примил сите пациенти, секако дека би можеле и повеќе трансплантации да вршиме – рече д-р Спасовски.

Тој додаде дека од септември минатата година до јули годинава, за жал, изгубиле два бубрега, а од ендокардитис по направена трансплантација на бубрег, починал еден пациент.

Во МАНУ денеска почнува 6. Конгрес за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи, на којшто учествуваат и експерти од регионот и Европа.

Во Босна и Херцеговина има дури 300 пациенти кои се на листа на чекање за пресадување бубрег, а дури 2.500 болни се на дијализа.

– Мора да постои поголема поддршка од државата за да има поголем број трансплантации, особено од кадавери. Така се случи во Хрватска, па оваа земја стана лидер и во регионот и во Европа по број на трансплантации од лица во мозочна смрт – изјави д-р Халима Ресиќ, претседателка на Конгресот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...