Шеснаесет лица биле каснати од кучиња за шест дена во Скопје, рекоа од Министерството за внатрешни работи.
– Од 01. до 06. март на подрачјето на град Скопје пријавени се вкупно 16 случаи на каснати лица од кучиња-скитници – изјави Лиза Бендевска од МВР за Плусинфо.
Неодамна, Советот на Град Скопје ја усвои одлуката за основање јавно претпријатие за хуман третман на животни скитници, а новото претпријатие ќе го носи името „Лајка“. Новото јавно претпријатие треба да се формира од постојните служби што досега функционираа во рамките на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, и да ги преземе сите активности, каде што спаѓаат заловување на животните скитници, нивниот транспорт до стационар, прием и преглед од овластен ветеринар, лабораториско испитување на животните на одредени болести, стерилизација, постоперативно сместување, лекување и нега, ветеринарна грижа, идентификација и регистрација, вакцинација и дехелментација, враќање на местото на заловување или преземање процедури за вдомување од заинтересирани граѓани.
Сега сите очи се вперени во ова претпријатие, но додека не проработи граѓаните сѐ уште ќе стрепат пред опасноста дека можат да бидат каснати од кучиња во центарот на градот, среде бел ден.