Кинотеката и Македонската академија на науките и уметностите со поддршка на Вардар филм ја одбележуваат 25-годишнината од премиерата на „Пред Дождот“ најуспешен игран филм во македонската кинематографија и најзначаен културен производ на Македонија, првенецот на режисерот Милчо Манчевски.
Актерот Раде Шербеџија, кој го толкуваше главниот лик во филмот (Александар Кирков) веќе го потврди своето присуство на овој исклучителен настан.
Одбележувањето ќе се одржи на 18 декември со два настани.
Во 12 часот, во свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите на гостите ќе им се обратат академик Таки Фити, претседателот на МАНУ и Владимир Ангелов, директор на Кинотеката, а видеообраќање ќе има и професор Виктор Фридман, надворешен член на МАНУ. Свои излагања за „Пред дождот“ ќе презентираат и дописниот член на МАНУ професор Марјан Марковиќ, на тема „Македонскиот стандарден и дијалектен јазик во филмскиот опус на Милчо Манчевски“, и професор Славица Србиновска, на тема „Естетиката на гледната точка во нарацијата на Милчо Манчевски“.
Во 20 часот во киносалата на Кинотеката ќе биде прикажана 35-милиметарска копија од „Пред дождот“ која Манчевски неодамна ја депонираше во филмскиот архив на Кинотеката, како и промоција на МАПА со репродукции од плакати на „Пред дождот“ од светската дистрибуција на филмот.
„Пред дождот“ на Милчо Манчевски премиерно беше прикажан на 6 септември 1994 година на Филмскиот фестивал во Венеција (La Biennale di Venezia), или популарната Мостра. На 12 септември Манчевски се закити со „Златниот лав“ и уште неколку награди, а потоа нанижа триесетина награди на светската фестивалска мапа.
„Њујорк тајмс“ го вклучи „Пред дождот“ (1994) во листата на 1000 најдобри филмови некогаш направени.