Целта ни е оваа година дополнителни 375 професионални војници да бидат примени во составот на Армијата, бидејќи на Армијата и треба подмладување. За жал во право сте, во првите два испитни турноса бројката на примени припадници и на албанската заедница, меѓутоа дел и на другите заедници беше низок, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска одговарајќи на прашање на пратеникот Реџаљ Исмаили од ДУИ попладнево на собраниска седница.
Меѓутоа, како што додаде, министерот освен тоа што мора да води сметка и за уставните принципи, еден од тие важни принципи е и правичната застапеност мора да води сметка и за законските принципи.
– Сакам да ви кажам дека буквално секој припадник на албанската заедница којшто ги исполни формалните услови беше примен… Во последниов конкурс во којшто ќе се бираат дополнителни 125 – 25 војници од вкупниот број на пријавени кандидати само 40 се албанци. Значи, веќе од стартот при кандидатите имаме помал број и можеби сте во право дека еден дел и губат верба и затоа и не конкурираат. Бидејќи и во претходните процеси имаше одредени коментари дека проблемите со поминување на одреден дел од тестовите можеби биле врзани и со некаков скриен тип на дискриминација по реакција на некој од кандидатите и писмо и разговор со Народниот правобранител се договоривме, јас целосно се согласувам, дека и тие треба да го разгледаат целиот процес – истакна Шекеринска.
Тоа, според неа, не се работи во кои како политичари треба да се мешаат, меѓутоа мора да гарантираат дека во процесот не постои дури ни страв од дискриминација. Таа додаде дека вистинското решение треба да се бара во измена на Законот.
– Ако одреден граѓанин на РМ помлад од 25 години поминал на овие тестирања за да доброволно служи војска и три месеци да биде во касарна, да има оружје, да биде обучуван за тоа како можете да ми кажете дека тој не може да помине втор сличен таков тест. Има одредени разлики во правилниците, меѓутоа тие по мене навистина повеќе се бирократски отколку суштински – истакна Шекеринска.
Согласно Програма за продолжување на реформите во Македонија врзана со нашето членство во НАТО, како што посоли, се планира во следниве месеци да бидат предложени измени на Законот за служба во Армијата.
– И не само заради овој проблем, туку и заради популаризирање на професијата ќе ви предложиме и се надевам дека Собранието ќе прифати модел во којшто за да станете професионален војник ќе бидете тестирани на почетокот за доброволно служење на војска и ако во тие три месеци функционирате, си ја исполните својата обврска по автоматизам на крајот на тој рок ќе бидете примен за професионален војник. Ова што сега го имаме како процедура ги измачува кандидатите, дел од нив дигаат раце, но ја измачува верувајте и администрацијата во МО. Истата процедура ја терате по три пати. Меѓутоа, таков е законот каков што го имаме во моментот – истакна министерката.
Таа рече дека се надевам оти ова нема да биде единствената реформа и оти слично ќе биде и во делот на обуката на пилоти, каде нема доволен број на кандидати.
– Луѓето велат – ќе тргнеме на обука која е тешка, која ќе ни земе една година од животот, а не знаеме утре дали ќе не вработите. Ако државата инвестира толку многу во обука на еден пилот навистина е неразумно да не го примите на работа. Така што, и во овој дел треба да се грижиме да направиме можност Министерството да доаѓа до подмладување, да им дадеме можност најдобрите да дојдат до израз, но исто така и да не ги малтретираме луѓето со непотребна бирократија – истакна Шекеринска.