Шекеринска: Ќе имаме добра вест за целиот регион

Остануваат последните чекори и тие се подеднакво важни и често пати дури и потешки. Очекуваме двата премиери да разговараат за сите детали и очекуваме во кратко време, доколку има понатамошен напредок, да имаат и заедничка средба, рече Шекеринска.

1519

Фокусирани сме на решение, на шанса за нашата држава, и нема да дозволиме невнимание тоа да го уништи, изјави денеска во Битола, заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, во врска со текот на преговарачкиот процес меѓу Република Македонија и Република Грција.

– Двајцата министри договорија рамка која сметаме дека ќе биде добро решение за Македонија и за Грција и ќе биде добра вест за целиот регион. Остануваат последните чекори и тие се подеднакво важни и често пати дури и потешки. Очекуваме двата премиери да разговараат за сите детали и очекуваме во кратко време, доколку има понатамошен напредок, да имаат и заедничка средба. Фокусирани сме на решение, на шанса за нашата држава и нема да дозволиме невнимание тоа да го уништи – посочи министерката Шекеринска за време на денешниот престој во Битола, каде беше отворен француски Меморијален комплекс.

Во Битола сме пред еден паметник, додаде Шекеринска, и тој потсетува дека нашата татковина никогаш не била во лесни ситуации, никогаш пред нас не стоеле лесни одлуки.

– Сѐ што сме направиле сме „платиле“ со многу крв и пот. И нашата независност не беше лесна, зад нас се и неколку тешки години на политичка криза. Ја изненадивме Европската Унија, па и самите себе, што ја направивме Македонија посилна отколку што беше пред кризата, што ја направивме посплотена. Ова прашање не е лесно, а да беше лесно ќе беше решено пред 25 години, пред 15 или пред пет години, но во државата не треба да чекаме некој да дојде да ни ги реши проблемите. Треба да донесеме одлуки, секој треба да ја понесе својата одговорност за одлука, но и за немање одлука. Треба да им понудиме шанса на нашите деца, на младите, на нашата земја не само да зборува за историја, туку да остава споменици и да гради своја иднина. Ако тој дух го има во сите нас, тогаш ќе се најде решение – изјави Шекеринска, која на свечениот церемонијал на француските воени гробишта во Битола беше заедно со министерката Женевиев Дариесек, државен секретар во Министерството за вооружени сили на Република Франција.

На новинарско прашање до министерката Дариесек во врска со документот „нон-пејпер“ што проциркулира низ државите членки на ЕУ, таа изјави:

– Да се зборува за еден работен документ што нема никаква официјална важност, а знам дека во последно време се пишуваше низ медиумите за него, е навистина нешто што допрва ќе треба да се разгледува и затоа треба кон крајот на месец јуни да размислиме за стигнување до вашата конечна цел. Знам дека беше направена огромна работа, ви претстои уште, и свесни сме за напредокот што го постигна државата – одговори Дариесек.

Меморијалниот комплекс во Битола е посветен на споменот на француските војници кои се бореле на Македонскиот фронт, како и на локалното население кое ја доживеало таа војна заедно со нив.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...