Шекеринска: Со лидерство, храброст и одлучност Северна Македонија стигна до членството во НАТО

132

Новиот, поинаков начин на политичко размислување и однесување го смени курсот кој го имаше мојата земја. Кога бевме избрани како нова Влада, пред две години, бевме убедени дека сакаме да ја промениме состојбата на статус – кво и дека ќе воведеме еден нов тип на однесување кон нашите соседи, рењче министерката за одбрана Радмила Шекеринска на Бриселскиот форум на Германскиот Маршалов Фонд.

– Ги зголемивме стандардите во однос на нашата демократија, владеењето на правото, слободата на медиумите, за помалку од една година успеавме да имаме пробив во односите со Бугарија и го решивме, „замрзнатиот“ проблем на Балканот, проблемот со името со Грција. А, се покажа дека кога ја рушите таа состојба на статус – кво, светот тоа го препознава – рече министерката.

Таа истакна дека добрите политички односи даваат сигнал и за соработката во сите останати полиња, како одбраната и безбедноста, споменувајќи го зголемувањето на воената соработка со Бугарија и Грција.

За иднината на регионот, министерката рече дека нашата желба и надеж е дека овој нов пристап на решавање на проблеми ќе има поголем и поширок ефект. Ние веруваме, рече Шекеринска, дека пристапот кој го имавме во односите со нашите соседи и кон интерните поделби може да биде модел кој можат да го користат нашите соседи и наместо нестабилност, регионот може да извезува стабилност.

– Луѓето следат лидери кои се доволно храбри да го замислуваат незамисливото и тоа треба да биде инспирација за целиот регион – заклучи Шекеринска на Бриселскиот форум.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...