Шекеринска: Со законските измени ставаме крај на бизнис контролата врз партиите

Министерката истакна дека со законските измени се менуваат и обврските на партиите. Тие на поинаков начин ќе мора да реферираат за трошоците, а како што рече, и државата која ги дава парите ќе сноси одговорност. 

325

Ставање крај на влијанието на бизнисот врз функционирањето на политичките партии е целта што треба да се постигне со измените на Изборниот законик, истакна денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа зошто е прифатено нагло зголемување на буџетот на партиите, како и зошто од буџетот сега би требало да се покрие и изборното рекламирање.

– Една од лекциите што ја научивме и за време на политичката криза е дека финансирањето на политичките партии од невидливи извори, кои честопати се криеја, доведува до зголемување на корупцијата во државата – рече Шекеринска.

Таа потсети дека минатата година група невладини организации го изработиле блупринтот за реформи и една од сугестиите била дека поголемиот дел од средствата за финансирање на политичките партии треба да дојдат од буџетот, со цел да се прекине, како што рече, таа нездрава врска меѓу бизнисот и политичките партии.

Во Законот, појасни Шекеринска, се предвидени две работи – зголемено финансирање од буџетот за кампањи и за политички партии, но и намалување на парите кои смеат да ги земаат од приватни донатори.

– Ние како Влада, како партии на власт, најмногу би требало да одбиваме вакви предлози. Партиите на власт немаат проблем со финансирањето, но не сакаме нездравите врски меѓу бизнисот и партиите да ни создаваат корупција, која со години ја гледаме на дело – рече Шекеринска.

Таа истакна дека нивниот предлог во врска со предизборната кампања најпрво бил сериозно кратење на трошоците, како и забрана за рекламирање во медиуми како што се телевизиите.

– Но сметавме дека тоа не е фер за медиумскиот сектор, бидејќи еден дел од медиумите се финансираат во тек на кампањите и тогаш може да обезбедат средства за нивно полесно функционирање. Се трудевме да најдеме решение кое нема да ја загрози државата, а кое ќе ги намали бизнис влијанијата кај политичките партии. Секоја политичка партија си носи одговорност за тоа како е финансирана – рече Шекеринска.

Министерката истакна дека со законските измени се менуваат и обврските на партиите. Тие на поинаков начин ќе мора да реферираат за трошоците, а како што рече, и државата која ги дава парите ќе сноси одговорност.

Во врска со тоа дека во однос на овие измени немало јавна расправа и дека нема заштитни механизми, што е забелешка на дел од невладините, Шекеринска рече дека еден дел од дебатата била водена заедно со дел од невладините. Таа додаде дека оваа промена на Изборниот законик и на Законот за финансисрање на политичките партии е прв дел чекорите планирани во таа насока. Веќе е најавено дека Изборниот законик треба да претрпи генерална ревизија, да се зголемат инструментите за контрола врз политичките партии.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...