Во првата половина на март се очекува ратификација на Протоколот за членство во НАТО од страна на шпанскиот Парламент, по што во текот на тој месец се очекува Северна Македонија и официјална членка на најголемиот воено-политички сојуз во светот.
Ова за МИА го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која вчера во Брисел учествуваше на состаноците на Северноатлантскиот совет, заедно со министрите за одбрана на земјите – членки на Алијансата.
– Според сите информации на шпанските колеги очекуваме ратификација во шпанскиот парламент во првата половина на март. Тоа значи дека во тек на месецот ние ќе можеме буквално да ставиме печат, да ставиме потпис и да кажеме дека еден голем напор и еден огромен проект стратешки важен за државата, го завршивме со успех – рече Шекеринска во интервјуто за МИА.
За евентуалните ризици до нашето извесно полноплравно членство во Алијансата, за законот за ЈО и можноста за негово усвојување и евентуалните последици доколку тоа не се случи, но и за можноста за испраќање наши војници во Ирак разговаравме со министерката за одбрана во интервјуто за МИА.
Рековте дека е прашање на денови, а не на недели или месеци кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка. Имате ли денеска подетални информации за шпанската ратификација?
Според сите информации на шпанските колеги очекуваме ратификација во шпанскиот парламент во првата половина на март. Тоа значи дека во тек на месецот ние ќе можеме буквално да ставиме печат, да ставиме потпис и да кажеме дека еден голем напор и еден огромен проект стратешки важен за државата, го завршивме со успех. Тоа е важна работа за мојата генерација, за нашите генерации и тоа е успех којшто после независноста можеби е резултат број еден за нашата држава.
Има ли било каков ризик од македонска страна нешто да излезе од контрола во однос на нашето полноправно зачленување?
Не очекувам проблеми и не очекувам непредвидени ситуации. Меѓутоа работиме за да не изгубиме ниту еден ден и да не изгубиме ниту една шанса. Имаше многумина кои претходната година релаксирано велеа се е завршено. Се сеќавам на средби коишто ги имав со вашите колеги во Брисел пред летото кои стравуваа можеби повеќе од некои други ратификации во други земји. Се покажа дека нашата проценка навистина била точна, дека единственото можно непријатно изненадување може да ни биде изборниот календар или изборните правила во Шпанија. Тоа не не спречи да бидеме на местото каде што се собраа сите светски лидери. Не не спречи да бидеме присутни на масата во Лондон и да покажеме дека навистина претставуваме земја која што знае што сака и знае како тоа да си го оствари. Работиме буквално за да ги искористиме секој час во денот и секој ден во месецот и затоа се одлучивме на оваа опција Собранието да го ратификува Вашингтонскиот договор и пред шпанската ратификација, да не оставиме вакум, да не оставиме празен простор и да не изгубиме ниту ден. Дваесет и седум години го чекаме ова. Срамота ќе беше ако тогаш кога ја имавме шансата не ја искористевме веднаш.
Кога ќе се крене македонското знаме во седиштето на НАТО?
Тоа се уште зависи од шпанскиот календар, но како што реков на почетокот, јас би рекла март ќе биде многу убав месец за да бриселскиот или белгиски ветер покаже колку е убаво македонското знаме.
Колкав е ризикот Законот за ЈО да не помине после заканите на опозицијата за бојкот и доколку тоа се случи постои ли ризик Македонија да не добие датум за преговори во март?
Европските одлуки зависат од европските лидери. Нашите одлуки зависат од нашите институции. И затоа наместо да предвидувам сакам нешто да порачам. Собранието во Скопје, Собранието на Република Северна Македонија е местото каде што се бијат европските битки. И секој оној којшто барем еднаш кажал ЕУ на камера, и секој оној кој барем еднаш напишал членство во ЕУ во својата изборна програма, треба да знае дека членството во ЕУ, почетокот на преговори значи одговорност за секој од нас. Ние нашата одговорност како Влада и како луѓе покажавме дека ја носиме и дека ги превземаме и ризиците и одговорноста. Опозицијата е на потег. Ако на овој тест, ако на прашањето за кое што постои единство, НАТО, ЕУ, Америка, сите коишто го знаат процесот велат ова треба да го направите,ако на тој тест потклекнат и паднат навистина ќе покажат дека се само продолжена рака на еден бегалец во Будимпешта и дека единствена нивна цел е се уште да го штитат неговиот криминал и корупција.
Дали на овој состанок е разговарано за испраќање на повеќе трупи во Ирак и дали Македонија понуди нешто за тоа?
Ние во последната година во рамките на Јадранската повелба значи Групата на земји од нашиот регион и САД веќе зборувавме за можност да испратиме наши офицери коишто ќе работат на тренинг дел од мисијата во Ирак. Меѓутоа настаните во Ирак сето тоа го ставија во втор план. Ќе чекаме да ја видиме формалната одлука на НАТО. Според сите предвидувања НАТО ќе преземе еден голем дел од мисиите на коалицијата во Ирак, и ние ќе бидеме подготвени, особено во делот на тренинг, да испратиме наши офицери или подофицери, земајќи го во предвид големото искуство кое што нашата Армија го има не само во Авганистан, туку исто така и во Ирак.